Кралски играчки, од соколи до фудбал
„Абу Даби јунајтед груп“, според повеќето надворешни процени, вреди илјада милијарди долари
ЛОНДОН - Спортските екипи одамна се играчки на богатите. Но, со ненадејниот потег да го купи англискиот фудбалски клуб Манчестер сити, владејачкото семејство на Абу Даби едноставно покажа колку многу пари се потребни за игра во големите лиги. „Нашата цел е многу едноставна - да го направиме Манчестер сити најголем клуб во Премиер лигата“, рече Сулејман Ал Фахим, градител на имоти кој наводно го води купувањето на Манчестер сити за шеикот Мансур бин Заед ал Нахјан, во интервју за Би-Би-Си. „Ние ќе купиме се' што е потребно“. „Не може да се каже бројката колку ќе потрошиме, како 100 милиони фунти. Можеби ќе бидат потребни повеќе“, додава Ал Фахим.
Фудбалот можеби се' уште не може да се споредува со инвестирање во современа уметност или недвижен имот или „блу чип“ акции. Но, големиот интерес за Манчестер сити, клуб со долга историја, но со празна витрина за трофеи, илустрира колку многу шпекулативниот пазар со стока ги претвори олигарсите од Русија, челичните магнати од Индија и шеици од нафтените кралства во Персискиот Залив, во алчни купувачи на ценети и мошне видливи богатства на Запад.
Повеќе од половина од 20-те клубови во најпрестижната Премиер лига во Англија, сега се во сопственост на странски бизнисмени. Продажбата на Манчестер сити можеби е нешто повеќе од предавање на сопственост на клубот од поранешниот премиер на Тајланд во егзил, на кралскиот сталеж на Абу Даби. Сепак, претставува важна промена. Можеби е првиот, но веројатно нема да биде последен, потфат во англискиот фудбал од владетелите на земјите од Заливот. Абу Даби реагираше брзо, речиси таинствено, да го купи Манчестер сити, иако неговиот попознат сосед Дубаи две години дава понуди да го купи Ливерпул.
Тука се одвива игра во игра. Пред да ја имаат нафтата, од 1958 година натаму, семејствата кои владеат со кралствата Абу Даби и Дубаи - Нахјани и Мактуми - се забавуваа со конкурентно соколарство. Тие се' уште го имаат тоа, а семејствата денес склучуваат меѓусебни бракови. Но, последниве години Абу Даби се чувствуваше засенет од попретприемачките и екстравагантни владетели на Дубаи кои го претворија нивното кралство во магнет за глобален бизнис.
И покрај тоа што командува со над 9 отсто од светската понуда на нафта, Абу Даби понекогаш се чини завидува на способноста на Дубаи да привлече внимание кон себе, делумно со создавањето центар на Блискиот Исток за престижни спортски настани. Како што емиратите стануваат побогати, претприемачите од Запад кои купуваат во фудбалската лига со очекување да заработат, согледуваат дека не можат да продолжат. Тоа е причината зошто повеќето експерти истакнуваа�� дека е само прашање на време кога американските спортски претприемачи Том Хикс и Џорџ Џилет Џуниор, кои го контролираат Ливерпул, ќе ги пресечат загубите и ќе го продадат клубот на постојаните понудувачи од Дубаи.
Што се однесува до Абу Даби, собира годишен вишок од над 50 милијарди долари. Неговиот суверен економски фонд „Абу Даби јунајтед груп“, според повеќето надворешни проценки, вреди илјада милијарди долари и се зголемува. Има удел од 7 отсто во Ситигруп. Инвестира во Ферари и Џенерал Моторс. Исто така, планиран е музеј од 1 милијарда долари според моделот на Лувр во Париз и нов кампус, што ќе биде отворен во 2010 година, како огранок на Њујоршкиот универзитет.
Спорно е дека ниту еден од тие проекти не се најде во глобалните наслови како преземањето на Манчестер сити, неколку часови по купувањето на бразилската светска ѕвезда Робињо од Реал Мадрид за 32,5 милиони фунти или 59 милиони долари. Неколку часови пред договорот среде ноќ, лондонскиот клуб Челзи во сопственост на рускиот милијардер Роман Абрамович се обидуваше да постигне договор за истиот фудбалер од 50 милиони долари. Абрамович веќе потроши пет пати поголема сума на Челзи откако го спаси клубот од задолженост пред пет години. Како и за обемот на неговото богатство, Абрамович никогаш јавно не зборува за неговите мотиви или поплаки, кога на пример се ослободи од двајца играчи - Андреј Шевченко во Милан и Шон Рајт-Филипс во Манчестер сити - за 100 милиони долари што ги потроши на нив. Тој знае, како и повеќето претприемачи, дека купувањето во фудбалот е финансиска загуба. Мохамед ал Фајед, египетскиот сопственик на „Херодс“ кој стана прв странец што купи англиски тим - Фулам во 1997 година, забележа дека е невозможно да се заработат од сопственост на клуб.
Состојбата е таква и покрај тоа што 20 клубови од Премиер лигата делат 5,3 милијарди долари од телевизиските права со сегашниот тригодишен договор. Колку брзо пристигнуваат парите, тие се излеваат на купување на најдобри фудбалери во светот и исплата на нивните мултимилионски плати.
Тогаш зошто толку многу богати странци инвестираат во англискиот фудбал?
Абрамович купи една западна личност во време кога еден или двајца други олигарси беа затворени во московските затвори. Таксин Шинаватра си купи начин да остане во очите на јавноста - во Англија каде што бара азил и во Тајланд каде што се надева дека некогаш ќе се врати. Спротивно на тоа, семејството Глејзер кое позајми за да го купи Манчестер јунатед и двајцата Американци од Ливерпул направи, како што сметаше, исправна инвестиција во англискиот спорт за кој веруваше дека може попрофитабилно да се продаде во странство.
Но, пред повеќе години кога Џани Ањели, претседателот на царството „Фиат“ во Италија, купи светски познати фудбалери за неговиот тим Јувентус, тој призна дека тоа е лекомислено задоволство кое создава навика. Тој преферирал да купува слики за да ги затвори во подземна просторија или спортски коњи или поголем имот отколку што може да менаџира. „Трошев повеќе отколку што требаше, и време и пари“ изјави еднаш Ањели за „Интернешенел хералд трибјун“. „Но, сметам дека тоа е несовладливо“.
(Интернешенел хералд трибјун) |