Барак Обама ја доби битката со Хилари Клинтон за номинација
Сенаторот во својот прв мандат е првиот црномурест кандидат за претседател на главна политичка партија во САД
Web Update: На вчерашното гласање Демократите од Јужна Дакота и Монтана ги дадоа своите гласови за Барак Обама со што заврши внатрепартиската трка за номинација за претседател на САД.
Црномурестиот Обама (46), вчера изјави: „Ноќва обележуваме крај на едно историско патување и почеток на друго. Прашањето е каде ќе одиме од оваа точка“
ВАШИНГТОН - Барак Обама и Хилари Клинтон вчера ја завршија историската демократска трка за претседателска номинација, со одржувањето на двата избора што би можеле да му помогнат на Обама да ја обезбеди номинацијата и да ја истисне Клинтон од трката. Демократите од Јужна Дакота и Монтана вчера излегоа на гласање на напорната трка за правото да му се спротивстават на републиканецот Џон Мекејн на ноемвриските претседателски избори и од овие две држави 31 делегат ќе учествуваат на конвенцијата во август во Денвер.
На Обама му недостасуваат околу 40 делегати за да ја стигне бројката од 2.118, колку што се потребни за да ја обезбеди номинацијата и да стане првиот црнец - кандидат на најголемата политичка партија во САД. Тој би можел многу побргу да ја достигне таа бројка во зависност од тоа за колку време ќе ги придобие гласовите на околу 200 неопределени суперделегати, партиски официјални лица кои се слободни да поддржат кој било кандидат. „Има голем број суперделегати кои чекаат да завршат и последните избори, но мислам дека ќе ја донесат одлуката прилично брзо по нивното завршување“, изјави во понеделникот Обама пред новинарите во Мичиген.
Лондонски „Дејли телеграф“ тврди дека Хилари ќе се повлече од изборната трка за номинација во Демократската партија до крајот на оваа недела, повикувајки се на свои извори во штабовите на двајцата претенденти за Белата кука. Според весникот Клинтон е свесна за тоа дека нејзиниот сон за тоа да биде првата жена во САД што била избрана за претседател, барем до 2012 година, е завршен. Весникот објави дека таа ќе ја објави својата одлука во Њујорк и таму ќе ја соопшти дека ќе ја поддржува кандидатурата на Барак Обама во неговата битка со републиканскиот претендент Џон Меккејн.
Гласањето вчера заврши во Јужна Дакота, а еден час подоцна и во Монтана, додека резултатите се очекуваат за кусо време. Клинтон и нејзиниот табор во по��еделникот испратија комбинирани сигнали во врска со тоа колку долго таа ќе остане во претседателската трка што ја почна како голем фаворит, но сега има мали шанси за победа. За време кампањата во Јужна Дакота, Клинтон изјави дека со завршувањето на гласањето што се случи вчера се одбележа „почетокот на нова фаза на кампањата“ во која таа ќе го изнесе својот случај пред суперделегатите дека би била подобар кандидат во борбата против Мекејн на ноемвриските избори. „Одлуката ќе треба да ја донесат делегатите кои ќе бидат ополномоштени да гласаат на демократската конвенција“, изјави таа пред симпатизерите во Јужна Дакота. Меѓутоа, нејзиниот сопруг, поранешниот претседател Бил Клинтон, во понеделникот звучеше како да ги одбројува часовите за завршување на кампањата во Јужна Дакота. „Ова можеби е последен пат како ќе бидам инволвиран во кампања од ваков вид“, изјави тој.
Обама планира организирање прослава за победата, со која ќе го одбележи почетокот на кампањата за изборите против Мекејн, откако во вторникот вечерта беа затворени избирачките места во Јужна Дакота и Монтана. Од таборот на Обама апелираа до суперделегатите да ја искажат својата поддршка пред завршувањето на вчерашното гласање за да може со освојувањето на делегатите од двете држави да се искачи на врвот во демократската трка. (Ројтерс) |