Русите платија пола милијарда долари за индекси
На руските факултети корупцијата достигна рекорд, околу една четвртина од митото се дава на факултетите во Москва
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - За добивање индекси и запишување на своите синови и ќерки родителите во Русија лани платија мито од дури 520 милиони долари. До таква бројка дојдоа истражувачите од московската Виша школа за економија и Фондот за јавно мислење. Освен што дале половина милијарда долари за децата да им бидат запишани на факултети, подоцна родителите потрошиле околу 100 милиони долари за професорите на испитите и контролните тестирања да им прогледаат низ прсти на нивните миленици.
Јефим Галицки еден од авторите на истражувањето за корупцијата на факултетите, тврди дека сумите се „приближни“ и тие можат да бидат дури и поголеми. Галицки вели дека луѓето не сакаат да зборуваат за тоа, па до податоците се доаѓало индиректно преку роднини и пријатели на оние кои со „награда“ ги запишале синот или ќерката на факултет.
Околу една четвртина од „визјатките“, како што Русите го нарекуваат митото, се даваат на факултетите во Москва, а останатото на другите универзитети во земјата. Предавачите на факултетите ретко директно земаат мито, тоа го прават преку посредници.
Извесниот студент Дмитриј од Економскиот факултет „Ломоносов“ во Москва тврди дека неговите родители во неколку рати дале мито од дури 30.000 долари. Во провинцијата сумата што се дава за мито е забележително пониска од онаа во Москва. Ако во Москва за упис преку врски на многу факултети се бараат 150.000 рубли (1 евро = 36,5 рубли) во провинцијата таа цена е три пати пониска. Толку големата разлика во цената се објаснува со престижот на московските факултети благодарение на што подоцна лицето со диплома може полесно да се вработи.
Истражувачите на корупцијата на универзитетите тврдат дека и инфлацијата го направи своето и кај митото, па родителите во споредба со четири години пред тоа сега даваат 1,5 пати повеќе мито.
Во Московскиот авиоинститут на некој начин го легализираа митото. Студентот што ќе падне на испит може да уплати официјално 2.000 рубли за да добие неколку лекции, а потоа речиси сигурно ќе положи.
Истражувањето на Фондот ИНДЕМ со кој раководи поранешниот советник на Елцин, Георги Сатаров, покажува дека растот на митото во образованието од година во година рапидно се зголемува. До 2003 година на прво место според корумпираност беа правосудните органи. По нив на второ место беа политичките партии и судовите. Минатата година според социолошките истражувања, на второ место по давање мито се најде високото образование.
Многумина се оправдуваат дека се запишуваат на факултет давајќи мито, бидејќи не сакаат да одат во армија. Оние вторите мислат дека тоа е најсигурниот начин да се добие индекс од елитен факултет.
Ако може да им се верува на московските студенти, лани за упис најголемо мито се давало на Економскиот факултет „Ломоносов“ - дури 80.000 долари за индекс. Митото, наводно, се дава за упис дури и на Академијата на Министерството за внатрешни работи.
Новиот претседател на Русија, Дмитриј Медведев, неодамна најави дека борбата против корупцијата ќе биде една од приоритетните задачи. Останува да се види дали таа ќе може да се искорени на факултетите чиишто дипломи најмногу се ценат во таа голема земја. |