Притисок врз Мјанмар да не ги затвора камповите со жртвите од циклонот
ЈАНГОН - Странски хуманитарни групи вчера извршија притисок врз Мјанмар да престане со затворање на камповите во кои се сместени жртвите од циклонот, додека меѓународни експерти еден месец по невремето ја почнаа мисијата за надминување на размерот на уништување. Циклонот „Наргис“, најтешката природна катастрофа од цунамито во Индискиот Океан што се случи во 2004 година, официјално се смета дека остави 134.000 мртви или исчезнати, а 2,4 милиони во сиромаштија. Меѓутоа до голем број преживеани се' уште не е стигнато, а западните држави и странски хуманитарни групи се жалат дека хуманитарните напори се отежнуваат од нефлексибилноста на воената хунта во Мјанмар. „Тие беа погодени од циклон, но не ги менуваат правилата. Се' се одвива како и вообичаено“, изјави едно официјално лице од хуманитарна агенција во Јангон кој сакаше да остане анонимен.
Гломазните прописи ја блокираат можноста поголем број возила и бродови да се користат за дистрибуирање на помошта што е од витално значење, па дури и пристапот до сателитските комуникации е отежнат, додаваат официјалните лица. Хуманитарните групи во Јангон вчера одржаа вонреден состанок за да го испланираат заедничкиот приод, пред средбата со властите во Мјанмар закажани за попладнето на која треба да се изнесат проблемите со претераниот бирократизам и затворањето на камповите за згрижување на жртвите од циклонот. Властите продолжија со кампањата, осудена од страна на групите за човекови права и оценета како „неприфатлива“ од страна на ОН, за иселување на раселените лица од владините засолништа. „Ако населението постојано се сели, многу е тешко до него да стигне помош“, рече Крис Вебстер портпарол на хуманитарната организација „Ворлд вижн“ во Јангон.
Затворањето на камповите, главно голем број шатори околу училишта или други згради, значи дека се' поголем број на раселени се враќаат во областите каде ситуацијата е лоша, посочи еден хуманитарец. Последниот камп во Кавму, област јужно од Јангон, беше затворен во понеделникот, посочија очевидците на настанот, кој наводно имал за цел да се спречи привремените населби да станат постојани.
ОН проценија дека на 1,3 милиони луѓе им била пружена помош, иако ова беше недоволно и беа опфатени само половина од оние во најтешко поделената делта. (Ројтерс) |