Путин пеел со шпионите
Медиумите во Русија анализираат колку ниско падна руската тајна служба по последната aфера
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Претседателот на руската влада, Владимир Путин, потврди дека имал средба со шпионите, кои неодамна беа депортирани од Америка, што имала и забавна димензија, па покрај музичкиот ансамбл сите ја запеале песната „Од што почнува татковината“.
За вратените шпиони и за нивната судбина Владимир Путин разговараше со новинарите во Форос на Крим, во резиденцијата на претседателот на Украина по преговорите што ги имаше со Виктор Јанукович. Новинарите го прашуваа Путин дали е точно дека тој пo снимена музика пеел со неодамна разменетите руски шпиони, а тој изјави дека „музиката била жива“ и на настанот била присутна и Ана Чапмен. Путин сакаше да ги заштити од потсмев во домашниот печат и на тој начин да стави точка на таа афера. Многу пензионирани советски разузнавачи деновиве изјавуваа дека „шпионската фарса“ покажува како падна нивото на руската разузнавачка служба. Најтиражниот московски дневен весник „Комсомолска правда“ деновиве објави текст во кој се опишува пазарењето со Ана Чапмен околу цената на интервјуто. Наводно, таа им рекла дека ќе размисли дали да им даде интервју за 25.000 долари.
„Веќе кажав дека групата е откриена поради предавство, а предавниците секогаш лошо завршуваат. По правило, тие завршуваат поради пијанство или од наркотици покрај ограда. Така, неодамна еден од предавниците заврши на тој начин. И несфатливо е поради што бил предавник“, рече Путин. Тој потврди дека знае кои се предавници.
Иако Путин не ги кажа имињата на предавниците, повеќето пензионирани руски разузнавачи тврдат дека на Американците информацијата им ја дал пребегнатиот Сергеј Третјаков, поранешен руски полковник, кој до октомври 2000 година работеше како дипломат во рангот на прв секретар во претставништвото на Русија во ОН, а, всушност, беше заменик-резидент на руската разузнавачка служба во Њујорк. Сергеј Третјаков почина во 53 година во својата куќа на Флорида, на 13 јуни, но неговата жена Елена ја соопшти веста дури откако шпионите беа разменети.
На прашањето дали има намера да ги казни предавниците, Путин одговори дека тоа е некоректно прашање бидејќи не се решава на прес-конференција. „Тие живеат по свои закони, и тие закони постојат во сите тајни служби“. Новинарите ги интересираше каква ќе биде судбината на депортираните руски шпиони. Путин одговори дека тие ќе работат на достојни места.
„Уверен сум дека ќе имаат интересен живот“, нагласи Путин. Тој додаде дека судбината на тие разузнавачи е тешка. „Замислете, треба да го научат странскиот јазик како мајчин, а потоа многу години да извршуваат задачи во интерес на татковината не сметајќи на дипломатски имунитет, и секојдневно да се доведуваат себе и семејството во опасност. Притоа семејството не знае кои сте вие и за кого работите“, објасни Путин. Тој не сакаше да ја оцени досегашната работа на депортираните руски разузнавачи, туку кажа дека тоа треба да го направат специјалисти и нивните раководители се' до врховниот командант и претседател на Русија.
Шпионскиот скандал во Америка започна кон крајот на јуни кога беа уапсени десет руски граѓани што работеле под лажно име. Весниците ��ајголемо влијание и' посветија на Ана Чапмен (28), која имала руско и британско државјанство бидејќи била во брак со Англичанец. Јасно е дека Ана дошла во центарот на вниманието не поради тајните што ги откривала туку поради интересните фотографии, па затоа ја нарекле „руска Мата Хари“. Десетте руски шпиони во Виена беа заменети за четворица Руси што беа осудени и се наоѓаа во затвор поради шпионажа во корист на американска и британска разузнавачка служба.
Инаку, поранешниот полковник на руската разузнавачка служба, сега покојниот Сергеј Третјаков (53), истакна во својата книга објавена во САД дека Американците го заврбувале во 1997 година, и дека за само три години им дал повеќе од пет илјади страници тајни документи. Пред доаѓањето на работа во Њујорк, каде што официјално бил дипломат, првиот секретар на руската мисија во ОН, Сергеј Третјаков, работел во Канада. Во 2000 година, кога Сергеј Третјаков го напуштил станот во Њујорк каде што дотогаш живеел, на масата оставил писмо во кое порачал дека „мојата оставка нема да и' наштети на мојата земја“. Заедно со Третјаков исчезнаа неговата жена, ќерката и мачката Матилда.
Наводно, Американците како награда на Третјаков му дале два милиона долари. Тој на Флорида купил куќа, каде што и почина. Зборуваше дека вози „лексус“, а ќерката студира на престижен универзитет. Во интервјуата што ги даваше, Третјаков не ја криеше омразата кон руските раководители, од Горбачов до Путин. Тој сакаше да се фали пред новинарите дека е најпознатиот руски бегалец во САД.
Третјаков можеше да го открие оној дел од мрежата што започнал да работи додека тој бил полковник на разузнавачката служба, а подоцна Американците ги фаќаа „новајлиите“ како Ана Чапмен, која пристигна во САД пред неколку години, во време кога пребегнатиот Третјаков беше на Флорида. |