Младите заглавени во виртуелен свет

Психолозите се загрижени, бидејќи претераното користење интернет ги води адолесцентите во осаменост
БИТОЛА - Социјалните мрежи ги заглавија тинејџерите во нереален свет. Предолгото седење на интернет и вклучувањето на младите во одредени социјални мрежи ги отуѓува од реалноста. Виртуелниот свет станува деструктивен за градење на емоциите на младите. Со ваква порака до младите и нивните родители излегоа група битолски психолози ангажирани во средните училишта во градот.
Раскажување епизоди од ТВ-сериите или озборување кој со кого излегува, како и покажување лични фотографии или потсмевање на нечии фотографии, е најчестата содржина што може да се види на профилите на тинејџерите на социјалните мрежи.
Ваквите состојби особено во последните години ги поттикнаа психолозите преку трибини да ги анимираат младите и нивните родители и преку дебата да предупредат дека претераното користење и задржување на социјалните мрежи наместо до исполнетост, адолесцентите ги носи во осаменост.
„Во недостиг од лична комуникација, младите се свртија кон комуникација по електронски пат. Од сите аспекти сега секој им стана достапен за комуникација, независно од пол, раса, вероисповед, ставови, но само на еден виртуелен начин. Навидум, тоа изгледа дека секој е исполнет и среќен, а, всушност, таа комуникација значи длабока осаменост. Мислејќи дека сме со сите, ние сме сами во собата со својата тишина“, предупредува Мирјана Гичевска, психолог во гимназијата „Таки Даскалот“ во Битола.
Потребата од внимание, докажување пред другите, лична презентација, желбата да се биде со некого е причината младите што почесто да се пред компјутер, вклучени на социјалните мрежи. Меѓутоа, адолесцентот е во период кога треба да ги гради своите емоции, но и да знае како да ги манифестира. „Комуникацијата преку интернет ги отупува тие чувства и ги носи во погрешен правец“, велат психолозите. Во исто време предолгото седење пред компјутер и физички ги исцрпува младите. Заменувајќи го денот со ноќта, ученикот е неспособен да ја следи наставата. Денот поминуваа без концентрација и внимание нормално да функционира на часовите.
„Во годините кога младиот човек треба да ги развива правилно своите емоции и доживувања, комуникацијата преку интернет значи неадекватно доживување на тие чувства. Не е во ред ниту начинот на реализирање на тие чувства ниту, пак, начинот на пренесување. Кога имаме човек пред нас, физички контакт, тогаш можеме вистински да ги откриеме нашите чувства. Да се довериме или пак да ги испразниме нашите негативни емоции. Во спротивно, преку тие онлајн-заедници имаме тешкотии да ги пренесеме нашите емоции, да ја манифестираме таа експресија на емоции“, вели психологот Славица Наумовска.
Искуството на психолозите покажало дека женските деца имаа поразлична потреба за комуникација преку социјалните мрежи отколку машките. Припадниците на понежниот пол на социјалните мрежи споделува делови од сопствената личност, додека, пак, машките повеќе делат моменти од социјалното живеење. (А.Б.) |