Хроника
„Мама ни рече да ја бакнеме иконата и не' фрли од балкон“
Потресно сведочење на преживеаното девојче во Ниш, кое заедно со помало братче, ја молело мајка и' да не ги фрла
„Мама ни рече да ја бакнеме иконата и да се прекрстиме, а потоа мене и бато не' одведе на балкон и не' фрли. Ја молевме да не не' фрла, и' викавме ‘немој мамичке, ама таа не не' послуша‘“. Ова е сведочењето на петгодишната Анастасија, која успеа да го преживее завчерашниот хорор во Ниш. Нејзината 35-годишна мајка, Анита Ставриќ, ги фрли од четвртиот кат своите две деца, а потоа и самата скокна. Падот од десетина метри беше кобен за неа и за двегодишниот син Константин, додека Анастасија, иако се здоби со тешки повреди, е надвор од животна опасност.
Трагедијата во Ниш ја потресе Србија. Целата јавност сочувствува со братчето и со сестричето, жртви на крвавиот пир на нивната мајка. Медиумите во Белград пишуваат дека ќе остане мистерија што точно се случувало ноќта спроти средата во семејниот стан на Ставриќ во Ниш, бидејќи таткото на децата не сакал да разговара со новинарите. Тој спиел во станот во моментот кога се случувала трагедијата.
„Минатата година Константин се парализираше по враќањето од Италија, каде беше кај татко му. Тоа беше голем стрес за мојата ќерка, од кој не закрепна. Не се лечеше, не пиеше таблети, а требаше... Имаа среќен брак“, едвај изусти дедото на децата, пренесуваат белградските весници.
Директорката на Детската хируршка клиника во Ниш, д-р Анѓелка Славковиќ, изјавува дека девојчето се здобило со повреди по целото тело.
„Засега е надвор од животна опасност и под боца за дишење. Таа е во свесна состојба, со неа комунициравме и иако со тешкотии, раскажа што се случило. Со неа разговараше татко и'. Таа се сеќава на се' што се случило“, изјави директорката на болницата за српските медиуми.
Сопругот Марјан работел како обезбедувач во Италија, а таа била вработена во осигурителна компанија во Ниш. До неодамна сите живееле во Италија. Марјан се вратил во Србија пред некој ден за да го посети семејството.
Соседите тврдат дека не забележале ништо чудно во однесувањето на Анита. Според психолозите, кога мајката ќе направи вакво злосторство, тоа е знак дека станува збор за тешко нарушување, односно психоза.
„Тоа е психопатски феномен кога болните личности имаат халуцинации или гласови, кои и' наредуваат: ‘Убиј ги, убиј ги своите деца‘. За нив, другите луѓе претставуваат потенцијална опасност и затоа се толку деструктивни. Подобро би им било самите да се убијат и да не патат отколку да ги мачат другите. Бидејќи мајчинството е силен нагон, мајката сака да им помогне на своите деца и ги убива за да не ги мачи некој друг. Тие одбираат начин како ќе умрат нивните деца“, објаснува нишкиот невропсихијатар Србобран Миљковиќ за тамошните медиуми. (Г.А.) |