Преживеаните туристи бараат условна казна за капетанот
Судот во Охрид треба да ја изрече пресудата за потонувањето на бродот „Илинден“ кога се удавија 15 туристи од Бугарија
ОХРИД – Преживеаните бугарски туристи побараа условна казна за првообвинетиот во судскиот процес за потонувањето на бродот „Илинден“, капетанот Сотир Филески. И правниот застапник на дел од оштетените на вчерашното судско рочиште во Охрид побара алтернативна, а не ефективна законска мерка затоа што и според сведочењето на преживеаните, тој сторил се' да избегне уште поголема трагедија.
Во Основниот суд во Охрид вчера бea изнесени завршните зборови од судскиот процес за случајот со потонувањето на бродот „Илинден“ кога на 5 септември 2009 година кај месноста Елешец се удавија 15 туристи од Бугарија. По завршните зборови на обвинителството и на одбраната, ќе следува пресуда.
За бродската несреќа се обвинети младиот капетан Сотир Филевски, кој спаси голем дел од давениците во кобниот септемвриско утро, како и Бранко Баиќ, оттогаш овластениот регистар „Лојд“, кој не се појавуваше на закажаните судски рочишта и му се суди во отсуство.
Јавниот обвинител побара на обвинетите да им се изрече казна согласно со законот, нагласувајќи дека се одговорни за делото за кое се товарат - тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Одбраната, пак, тврдеше дека за капетанот на бродот, Сотир Филески, не може да се утврди одговорност за несреќата. Одбраната тврдеше дека со издадените сертификати, техничките прегледи и документацијата за пловидбата, бродот бил во исправна и пловечка состојба. Адвокатите бараат дел од одговорноста кај институциите на системот, односно државните служби задолжени за безбедност на сообраќајот по Охридското Езеро, но и кај овластениот претставник на германски „Лојд“. (В.М) |