Метaлна плоча усмрти работник во „Макстил“
Триесет и тригодишниот Јован Андонов (33) го загуби животот во несреќен случај на своето работно место во скопската железарница „Макстил“. Трагедијата се случи изминатиот викенд, но случајот до вчера попладне не беше пријавен во скопската полиција.
Според неофицијални информации, несреќата се случила во саботата утрото околу 5 часот. Андонов, кој бил трета смена на работа, сечел неколкутонска метална плоча, која паднала врз него. Работникот веднаш бил пренесен во Клиничкиот центар, но поради тешките повреди, починал во понеделникот. Андонов бил оженет и бил татко на шестмесечно бебе. Од дирекцијата на „Макстил“ вчера не успеавме да добиеме повеќе детали околу несреќата и причините за загинувањето на работникот. (Г.А.) |