Повторно му се заканува агонија на Вардар

Со заминувањето на Трифун Костовски од Вардар, на нашиот најтрофеен клуб му претстои уште подлабока криза
Миодраг Мицковиќ
По сето она што последниве месеци се случуваше со Вардар, кога од убедливото водство на табелата по првите шест кола, се најде дури на петтото место на крајот на есенската сезона, со неверојатен „кусок“ од 13 бода зад лидерот Македонија, кога цели 11 кола, вклучувајќи ги тука и двете Куп- средби со Ренова не знаеше за победа, сигурно дека досегашниот спонзор Трифун Костовски се прашува дали направил голема грешка кога го напуштил Работнички, од кој за кусо време направи шампионски тим.
Сите се едногласни дека со Трифун Костовски како спонзор на Работнички уште долги години ќе беше неприкосновен на фудбалските терени во Македонија. Но, веројатно со добра намера, тој го прифати спонзорството на Вардар, стана негов прв човек, го привлече, што е и нормално, брендот на најпознатиот и најтрофејниот клуб во Македонија, кој секој спонзор би го посакал. Сакаше од Вардар да направи европски тим, да го извлече од онаа летаргија и една длабока криза во која се наоѓаше последниве години.
Сакаше многу, но од тоа, за жал, барем за шест месеци колку што беше на неговото чело, не постигна ништо. Дури кризата во Вардар уште повеќе се продлабочи, особено на резултатски план.
Токму и затоа многумина се прашуваат, зошто? Играчите, тренерите, вработените не кријат дека Вардар организациски и финансиски за овие шест месеци навистина личел на клуб, платите, придонесите, ратите од договорите, се' било исплатено до последен денар. А, резултати немаше.
Тогаш, во што беше причината што Вардар на 11 одиграни Куп и првенствени средби нема забележано победа. Зарем со еден вака солиден играчки потенцијал, со повеќе репрезентативци не можеше да ги победи еден Металург, Напредок, Пелистер, една очајно есенва слаба Победа. Згора на сето тоа уследија и големи проблеми со навивачите, со тие веќе по лошо познати „Комити“ поради кои и беше казнет да игра без публика на Градскиот стадион, да ги плаќа штетите што тие ги правеа на стадионите на кои гостуваше Вардар. Тоа беше „капак“ на сите тие очајно слаби резултати, а Вардар како да не можеше да се справи со нив и со нивното дивеење кое само му штетеше на клубот. И му наштети, го избркаа спонзорот Трифун Костовски.
Раководството на Вардар направи серија грешки, кои можеа да се избегнат и сигурно нема да се случеше она што се случи есенва и сега со него. Точно е дека Трифун Костовски со гласовите на „Комитите“ беше избран за претседа��ел на Вардар, но не смееше да стане нивни заложник, да ги исполнува сите нивни желби. Вработи двајца членови во клубот каде имаа посебна канцеларија, им плаќаше трошоци за автобуски превоз на гостувањата, обезбедуваше пари за пиротехнички средства и што се' не. Тука мораше да стави крај. На Вардар сигурно дека му се потребни навивачи, но оние вистинските, не овие хулиганско настроени. Тоа на крајот му се одмазди.
Второ, под нивни притисок, беше дозволено седуммината најдобри фудбалери да го напуштат клубот и да минат во Работнички, нивниот директен конкурент за титулата. Кој донесе една таква неразумна одлука, како можеше тоа да го дозволи спортскиот директор Саше Милошевски, кога знае дека во Македонија на пазарот нема доволен број квалитетни играчи. Веројатно по нечија наредба. Во Вардар никој не мислеше на тоа. Грешката тешко можеше потоа да се исправи.
И на крајот грешките со ангажирањето на тренерите. Во Вардар дојде едно непознато име за Македонија, Ратко Достаниќ, кој со себе доведе дури и тренер од Србија, некој си Спасиќ, како кај нас да нема тренери кои можеа да му помагаат во работата. Достаниќ на изглед имаше успеси, но да не се заборави дека во првите пет кола Вардар четири средби играше дома, кога почнаа гостувањата, оние потешките, уследија и поразите кои го исплашија Достаниќ и тој си замина, наводно од „политички“ причини. И наместо да биде извлечена поука од оваа тренерска грешка, клубот влезе во нова давајќи му на помошникот на Достаниќ, Жикица Тасевски, да го води во продолжението на првенството, иако беше јасно дека со неговото скромно искуство тоа беше преголем залак за Тасевски. Кога конечно во клубот сфатија дека Вардар игра се' послабо, преку ноќ беше ангажиран, познато фудбалско, но не и докажано тренерско име, Милко Ѓуровски. Резултатите што тој ги постигна, најдобро говорат дека тоа беше последната, најголема грешка на раководството на Вардар.
Милко Ѓуровски, кој не најде сили да му честита на тренерот на Македонија, Илчо Георгиевски, на победата и не се појави на конференцијата за печат по средбата, најави дека ако замине Трифун Костовски од Вардар и тој ќе си замине. Ако има доблест и малку спортски морал, сега може слободно да си замине, за доброто на Вардар.
Време лекува се', вели една народна поговорка, има време и Вардар да се „излекува“. Тоа го посакува армијата негови навивачи, но оние вистински, кои го сакаат и кои секогаш ќе бидат со него. Вардар сигурно нема да згасне. Тој е фудбалска историја на Македонија. |