Хеј со пресечената глава на Кличко во своите раце

Британскиот боксер Дејвид Хеј ќе се бори со постариот од браќата Кличко, Виталиј, за титулата во ВБЦ верзијата во јуни наредната година, но страстите уште од сега зовреа откако во еден британски весник осамна фотографија на која британскиот боксер во раката ја држи главата на неговиот помлад брат Владимир. „Хеј ми ја покажа таа грозна фотографија во еден ресторан додека ручав“, кажа Виталиј, кој шокиран од виденото веднаш го фатил за врат. „Ја мина границата. Тоа веќе е невкусно и ќе биде прописно казнет. Ќе го направам тоа без никаква емоција“, вели Виталиј.
Инаку, Хеј веќе јавно ја исплука победата и одбраната на титулата на Владимир во дуелот со Рахман. „Таа борба беше крајно здодевна. Американецот само сакаше да собере милион долари и да си оди. Со фотографијата малку ги раздрмав, ама тоа им требаше. Тајсон би го добил во три рунди, а тоа ќе го направам и јас“, порача Хеј.
Холифилд против Валуев ја пишува историјата
Некогашниот светски шампион британскиот боксер 46 годишниот Ивандер Холифилд верува дека може в сабота во Цирих да го совлада рускиот див Валуев и да стане најстар светски првак во историјата на овој спорт.
Холифилд својата титула ја загуби во 2000 година во Москва против Султан Ибрагимов, но уверен е дека може да ја врати. „Во феноменална форма сум. Имало многу големи боксери во историјата, но никој не ја освоил титулата на 46 години. Јас ќе бидам прв“, тврди Холифилд, кој во кариерата има добиено 42 борби, 27 со нокаут, но има и девет порази, од кои четири во последните шест години.
„Валуев има свои предности, повисок е и помлад е. Но ќе му покажам во сабота“, му порача Холифилд.
Од друга страна Валуев, актуелниот светски првак во ВБА верзијата, вели дека не минал низ мачни подготовки. „Шетав, читав книги и погледав неколку руски филмови“, изјави 35 годишниот обожувач на Толстој, кој има 49 победи и само еден пораз.
Инаку, овој меч ќе се одржи во циришката „Халенстадион“, каде Мухамед Али во 1971 година го победи германскиот тешкаш Јирген Блин, со нокаут во седмата рунда. |