Работнички Ф. без илузии во реваншот со Галатасарај
Попладнево во Истанбул одбојкарите на Работнички Фершпед ќе му гостуваат на Галатасарај во реванш мечот од третото коло во Челинџ купот.
Турскиот претставник е апсолутен фаворит, но не само поради победата во Скопје со 3:1, туку и според моментната форма и натпреварувачкиот ритам во кој се наоѓа. Додека „шпедитерите“ ја користат зимската пауза во домашното првенство и одвреме-навреме ќе одиграат по некој меч, Галатасарај работи во полна пареа. Веќе три средби во низа не знае за пораз во турскиот шампионат, а потврда за топ-формата пристигна и викендот во кој славеа над големиот ривал Фенербахче со 3:2.
Работнички Ф. ќе се обиде да пружи што е можно посериозен отпор на противникот и чесно да се прости од Европа. За пласман во следната фаза и не се размислува. За тоа е потребна максимална победа што ќе претставува вистинска сензација, а да се очекува такво нешто во моментот, имајќи ги во предвид двата тима, е само илузија. (С.Д.) |