Нема кој да го сопре Бостон

Селтикси ја остварија и 15. победа во низа, 23. сезонава, овој пат над Јута со 100:91
По се' изгледа во НБА лигата нема тим што ќе му застане на патот на Бостон кон одбрана на шампионската титула. „Селтикси“ ја остварија и 15 победа во низа, овојпат над Јута со 100:91. „Џезерите“ пружија навистина добар отпор, но и тоа беше недоволно за триумф, Бостон во второто полувреме едноставно беше предобар за составот од Солт Лејк Сити. Победата на Бостон ја обезбеди Рондо, кој во последните 5,5 минути уфрли 12 коша од вкупно 25 во натпреварот што е рекорд во неговата кариера. Кон нив додаде девет скока и осум асистенции, Кевин Гарнет забележа ефект од 19 поени и 10 скока, а дабл-дабл учинок оствари и Кендрик Перкинс (15 коша, 14 скока). Лидери во тимот на Јута беа Пол Милсап (32 коша и 10 скока) и Дерон Вилијамс (15 коша и 7 асистенции).
Со одличните изданија на Џамир Нелсон и Марсин Гортат екипата на Орландо го надомести отсуството на Двајт Хауард и славеше на гостувањето кај Голден Стејт со 109:98. Дури 23 од вкупно 32 поена во мечот Нелсон ги постигна во второто полувреме, а меч на кариерата одигра и Гортат (16 коша, 13 скока). Рашар Луис им помогна на „магичните“ со 21 поен, 8 скока и 5 додавања, а Тони Бити забележа 12 скока. Најдобар поединец во дресот на „вориорси“ беше Андрис Биедринс со 23 поени и 9 скока.
Мајк Д’Антони се врати во Феникс и доживеа пораз со својот нов тим, Њујорк. Резултатот на крајот гласеше 111:103 за „сонцата“. „Никси“ во прво полувреме демонстрираа ужасен процент на ударите за три. Упатија дури 37, само 5 од нив беа прецизни. Но, и покрај тоа Феникс дури во последната минута, по тројката на Стив Неш, можеа да здивнат. Стандардно одличен беше Стив Неш кој оствари 21 кош, 6 скока и исто толку асистенции, во триумфот на „сонцата“ Шекил О’Нил придонесе со 23 коша и 12 скока, Амар Стадемаер со 21 кош и 14 скока. Предводник на екипата на Њујорк беше Нејт Робинсон со 27 поени, 9 скока и 5 додавања, Ал Харингтон имаше ефект од 24 поени и 7 скока.
Резултати: Торонто - Њу Џерси 87:94, Вашингтон - Индијана 98:118, Атланта - Шарлот 83:79, Бостон - Јута 100:91, Мајами - Милвоки 83:98, Далас - Денвер 88:98, Феникс - Њујорк 111:103, Сакраменто - Минесота 118:103, Голден Стејт - Орландо 98:109. |