Опозицијата во голема апатија

Наместо со внимание да ги следи потезите на власта, опозицијата доброволно стана декор во Собранието
Оливера Војновска
Опозицијата, иако е неизбежен дел од вкупниот амбиент во државата, барем досега не покажува некаква иницијативност, оригиналност или инвентивност во настапите. Напротив, остава впечаток како да е во длабока летаргија. И наместо со големо внимание да ги следи потезите на власта за да не и' дозволи да отиде предалеку со ароганцијата (што постојано ја потхранува со огромното мнозинството што го контролира во парламентот), опозицијата доброволно стана декор во Собранието. Едно слабо поместување од ваквата позиција во ладовина имаше во петокот, кога СДСМ излезе со став за името. Сепак, и овој потег беше некако изнасилен и му претходеше еден нерешителен настап на шефот на најголемата опозициска партија (веднаш по лидерската средба), чија колебливост не можеше да се скрие пред „немилосрдноста“ на телевизиските камери.
Политичките аналитичари сметаат дека опозицијата е премногу апатична и ваквото нејзино однесување веќе добива загрижувачки размери.
Аналитичарот Ѓунер Исмаил дури деновиве забележал одредено поттргнување на опозицијата од постизборниот шок. „Но, тоа не значи дека нејзината консолидација е започната. Опозицијата, меѓу другото, и самата е жртва на целата атмосфера во државата и не може дојде до вистинскиот идентитет. Од една страна, опозицијата е свесна за своите недостатоци но, од друга страна, ништо не прави за да ги надмине проблемите. Се чувствува недостаток на решителност и затоа се неуверливи во настапите. А таквото однесување на СДСМ влијае и на другите опозициски партии кои, исто така, се прилично ноншалантни“, вели Исмаил.
Тој мисли дека опозицијата не смее да си дозволи комоција во однесувањето. „Не смее лидерот на најголемата опозициска партија наутро да даде значајна изјава, а потоа дури по еден или два дена да се дообјаснува на прозивките од власта. Тие се во вонредна ситуација, па треба да се присутни и активни 24 часа, а не да се одмораат за викенд“, смета Исмаил.
Професорот на ФОН, Мерсел Биљали, вели дека опозицијата се однесува прилично инфериорно. „Опозицијата има внатрешни проблеми, власта стави под контрола голем број од медиумите, но, сепак, сето тоа не смее да ја комплексира. Доколку опозицијата е добро организирана, ќе може да се справи и со една таква тешка ситуација. Пред се', мора да биде многу потранспарентна во искажувањето на ставовите. Особено сега, кога спорот со името е во фокусот на настаните, таа треба да дејствува јасно и без комплекси, а не да излегува во јавноста со недефинирани ставови. Таквиот настап остава многу лош впечаток“, вели Биљали.
Социјалдемократите три месеци по изборите се' уште се занимаваат сами со себе. Најпрво им требаше време да се соземат од шокот дека уште четири години ќе бидат во опозиција, следуваше оставката на Радмила Шекеринска од партиското кормило, лидерската криза и спасувачката мисија на шефот на државата, Бранко Црвенковски, па спасоносната формула со привремениот претседател Зоран Заев. Сега се фокусирани на изборот на ново партиско раководство, на тоа ја трошат целата енергија и немаат време за вистинска дебата во парламентот.
Но, што е случува со НСДП и со ЛДП, особено со либералдемократите? Ако од НСДП, и покрај сериозните внатрешни проблеми, сепак, излегуваат иницијативи, а нејзиниот лидер Тито Петковски не останува рамнодушен на случувањата во државата, ЛДП само ги набљудува настаните, без некоја впечатлива реакција.
Во овој турбулентен период низ кој поминува земјава посебно е молчелив нејзиниот лидер Јован Манасиевски. Опозициската битка сигурно не може да се бие со еден настап во парламентот (како оној на полноќната седница кога се симнуваше имунитетот на двајцата пратеници од ДУИ, Хисен Џемаили и Хајрула Мисини), без разлика на тоа колку бил добар.
Не е поактивен ниту екслидерот Ристо Пенов. И тој, како и Манасиевски, е во „илегала“, ретко дискутираат во Собранието, ги избегнуваат медиумите, па новинарите веќе и не бараат мислење од нив. ЛДП се потпира на прес-конференции и на настапите на двајцата пратеници Роза Топузова-Каревска и Андреј Жерновски.
Познавачите на политичките прилики предупредуваат дека опозицијата веќе не може да стои настрана од процесите и спокојно да ги набљудува настаните, затоа што нејзината зрелост и активност е многу важна за кондицијата на општеството. Во овој момент нема поволни ветришта за нејзиниот брод, а ако само чека однекаде да се појават, тоа ќе биде пат за нејзино големо маргинализирање. |