„Балканика“ доделена на Владислав Бајац

„Ниедна книга не е напишана додека не се прочита, а за литературата е важно да ги делиме идеите“, рече лауреатот
Невена Поповска
Српскиот писател Владислав Бајац е лауреат на наградата „Балканика“ за романот „Хамам Балканија“, издание на „Архипелаг“. Станува збор за роман кој опфаќа период од 16 век до денеска. Тоа е интересна приказна за просторот меѓу две историски епохи и меѓу два идентитети. „Хамам Балканија“ е моќно дело во кое личните драми се испреплетени со драматичните историски настани. На листата на карактери во романот се познати ликови од Турската и Српската историја од периодот на 16 век, како Големиот паша Сулејман, Мехмед Паша Соколовиќ, но и познатиот турски писател Орхан Памук, потоа Алберто Мангуел, Алек Гинзберг, Леонард Коен и многу други.
Претседателот на жири-комисијата за доделување на ова реномирано литературно признание, романскиот писател Василе Андру наградениот роман на Владислав Бајац го нарече совршен, притоа додавајќи дека „ Владислав Бајац во „Хамам Балканија“ дава историска и метаисториска визија на настаните. Тој е отсјај на средновековието комбинирано со сегашноста и ја отсликува потсвеста пред се на народите од овој простор.“
Владислав Бајац, кој смета дека сега на возраст кога може да се цитира себе си, по повод доделеното признание, рече: „Ниедна книга не е напишана додека не се прочита. За литературата е важно да ги делиме идеите меѓу себе, особено заради сите настани кои се случија на овие простори во изминативе години.“ Наградениот српски автор е роден во 1954 година во Белград. Дипломирал филозофија на Белградскиот универзитет, а долго време работел како новинар и преведувач. Последниве години се занимава со пишување и издаваштво. Бајац е автор на десет книги и тоа: шест новели, две книги со кратски раскази и две збирки поезија. Во моментов е директор на издавачката куќа „Геопоетика“ и потпретседател на Српскиот ПЕН центар. Неговите дела досега се преведени на: англиски, јапонски, италијански, грчки, француски, руски, бугарски, словенечки и македонски јазик, а досега има добиено повеќе национални и меѓународни награди и признанија.
Наградата „Балканика“ покрај тоа што претставува чест за авторот, според пропозициите на Фондацијата“ претставува и обврска за издавачите членки на оваа Фондација да го преведат наградениот роман во своите земји. Според тоа, „Хамам Балканија“ сега ќе биде достапна на македонски, бугарски, албански, турски, романски, грчки, а најверојатно и нахрватски и словенечки јазик.
Членовите на меѓународното жири потврдија дека годинава имале исклучително тешка задача со оглед на тоа дека имало силна конкуренција и дека поголемиот дел од делата биле мошне квалитетни. Покрај наградениот роман на Владислав Бајац, како силна конкуренција беа издвоени делата на нашиот претставник, Лилјана Дирјан, на романската писателка, Аура Кристи и на бугарскиот претставник, Алек Попов.
На вчерашното свечено врачување на наградата „Балканика“, присутните ги поздрави заменик министерот за култура Драган Недељковиќ, кој потенцирајќи го значењето на ваквите манифестации, меѓу другото рече дека „Балканика“ потврдува дека Балканот не е само буре барут, туку место од кое почнала словенската писменост и таа традиција треба да ја негуваме“. Програмата на свеченото доделување на високото литературно признание беше збогатена со настапот на етно-групата „Баклава“ и презентација на документарен филм во кој беа претставени годинешните конкуренти на наградата со краток приказ на нивните дела.
Одржувањето на „Балканика“ во Македонија иако до последен момент беше оспорувано и постоеја сомневања во успешниот исход се реализираше перфектно. Од сите учесници, почнувајќи од претседателот на Фондацијата „Балканика“, Николај Стојанов, беше пофалена како една од ретко добро организираните свечености. Ова е важно особено поради фактот што во земјава пристигнаа сите претставници на членките на „Балканика“, земјава беше нарекувана со своето уставно име од сите, вклучувајќи ги и грчките претставници, истовремено им беа презентирани културните и природните богатства на Македонија, така што целиот тој напор вроди со плод кога пристигнаа честитки за успешната организација од сите присутни, а кулминираше со изјавата на претседателот на жири-комисијата, Василе Андру кој запраша: „Дали сте свесни дека македонската култура е поголема од Македонија?“
На вчерашната свеченост беше соопштена и една новина која се однесува на проширувањето на членките на Фондацијата. Имено, претседателот на Фондацијата „Балканика“, Николај Стојанов соопшти дека од идната година во Фондацијата ќе членуваат и Хрватска и Словенија. |