„Браќа Манаки“ во Скопје го бранеше полиција

Директорот Томи Салковски останува на новиот концепт заблагодарувајќи им се на спонзорите-визионери
Сунчица Уневска
Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“, кој годинава во најголемиот дел се одржуваше во Скопје, заврши онака како што мина и целиот фестивал. Скандалозно. Затворањето на фестивалот прексиноќа се одвиваше паралелно во Битола и во Скопје, а свечениот тон кој на затворањето во Домот на АРМ во Скопје сакаа да му го дадат организаторите се изјалови. Пред Домот на АРМ, каде што беше поставен црвен килим, се насобра група битолчани која со пароли и извици ги дочекуваше сите кои дојдоа на затворањето. „Манаки во Битола“, „Крадци на фестивалот“, „Не го сакаме Манаки во Скопје“, гласеа дел од паролите на овој мирен протест, кој и покрај тоа, и покрај малубројноста на протестантите, беше екстремно чуван од полицијата.
Беше многу неубава слика начинот на кој демонстрантите беа притиснати во еден премал простор покрај Собранието густо обиколени од полицијата, која не им даваше да мрднат. Оваа слика беше срамна, особено што протестите не беа ни масовни, ни насилни или на било каков начин екстремни, за да се чуваат на ваков начин. Навистина, во Домот на АРМ пристигна претседателот Бранко Црвенковски, кој на фестивалот и на организаторите им ја дава својата максимална поддршка, но ни тоа не е причина за таков однос кон дваесетина млади Битолчани кои само сакаа да го искажат својот став и да пратат порака дека тоа е фестивал на Битола и таму треба да се врати.
Страшно е тоа што сите овие настани целосно ја поматија сликата на годинешниот фестивал. Па иако на него имаше голем број гости, и беа прикажани неколку одлични филмови, сепак, тоа никого не го интересира. Наградите беа доделени и годинешното жири предводено од австрискиот директор на фотографија, Кристијан Бергер, работеше макотрпно, но и тоа, како и се' друго, отиде во втор план. И не можеше да биде поинаку особено што на затворањето директорот на фестивалот Томи Салковски не ја доби поддршката од оние од кои претходно ја имаше. На затворањето не дојдоа од Кинотеката на Македонија, а не дојдоа ни директорот на Филмскиот фонд Дејан Илиeв, ни министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. Но, за чудните изјави на самиот крај на фестивалот подоцна, овде сепак да ги објавиме наградите.
 „Бронзена камера 300“ доби рускиот филм „Заробеник“, која ја прими актерот Вјачеслав Крикунов
„Златната камера 300“ му припадна на минатогодишниот венециски лауреат „Страст, внимание“ на Анг Ли. Директор на фотографија на овој исклучителен визуелен филм, поместен во текот на Втората светска војна во Шангај, е Мексиканецот Родриго Прието. „Сребрената камера 300“ ја доби полската снимателка Јоланта Дилевска за казахстанскиот филм „Тулпан“ во режија на Сергеј Двортсевој. „Тулпан“ е една прекрасна и топла приказна која се одвива во казахстанските степи и која во Кан ја освои наградата во престижната програма „Извесен поглед“. Додека „Бронзена камера 300“ доби Јури Клименко од Украина за рускиот филм „Заробеник“ на Алексеј Учител. „Заробеник“ е необичен филм за војната во Чеченија и за односот меѓу војниците и нивниот заробеник. Специјалната награда која ја доделува рускиот продуцент „Мос филм“ му припадна на Гокан Тирјаки за турскиот филм „Три мајмуни“ на Нури Билге Џејлан.
Годинава беше воведена и регионалната програма „Балканика“, потоа програма на документарен филм, програма на краток филм. Тука беше и традиционалната програма на студентски филм, каде што Гран-прито го освои швајцарскиот филм „Не сонувам на германски“ на Ивана Лалович. Беа направени повеќе почести, за добитникот на Наградата за животно дело, бразилскиот директор на фотографија Валтер Карваљо, на добитниците на Специјалните награди, како и Ин мемориам во чест на легендарниот хрватски снимател Томислав Пинтер. Рековме дека годинава имаше зголемен број на филмови, на гости, имаше прес-конференции, работилници... Но, ништо не го привлече вниманието како скандалите кои се случуваа околу фестивалот. Во Скопје фестивалот не ја доби поддршката на публиката, па иако зголемен број на сали, тие останаа празни.
Па сепак, директорот Томи Салковски е упорен на својот став и како што кажа на затворањето, цврсто стои зад новиот концепт, дека фестивалот требало да се шири и дека и понатаму ќе го брани тој концепт. Но, најинтересно е каде Салковски ја бара поддршката. Прво тој им се заблагодари на гостите кои дошле и му дале поддршка на овој концепт, но уште поинтересно беше заблагодарувањето до комерцијалните спонзори нарекувајќи ги визионери кои го предложиле новиот концепт и кои и понатаму мислат дека фестивалот треба да се шири. Коментарот на ова, сепак, ќе им го препуштиме на филмските работници, особено на поискусните, кои не се најдоа повикани да реагираат за било што.
Она што на крајот се наметнува како прашање, е што добивме со селењето на „Браќа Манаки“ во Скопје. Добивме фестивал кој од еден од ретките специјализирани фестивали во светот се обидува да стане како илјадници други. Што би добиле кога би го пренеле фестивалот од Карлови Вари во Прага, или од Кан во Париз, или кога малиот Мотовун би го проширувале во Загреб. Ништо, бидејќи нивната специфика е токму во местата на одржување. „Браќа Манаки“ ја има плус и спецификата на својот концепт, која исто така нераскинливо е врзана за Битола. Тоа е концептот кој треба да се развива, а не фестивалот да се обезличува. |