Запалени цистерни на НАТО во Пакистан
Во времето на нападот цистерните со нафта, кои го зеле товарот од јужното пристаниште Карачи, биле паркирани на бензинска пумпа
ИСЛАМАБАД - Милитанти во јужниот дел на Пакистан уништија најмалку 27 цистерни со кои се превезува гориво за силите на НАТО во Авганистан, изјавија официјалните лица. Во последниве неколку години имаше стотици слични напади, меѓутоа, ова е прв во овој дел во јужната провинција Синд. Не е јасно дали овој настан е поврзан со прекуграничниот воздушен напад од НАТО, во кој загинаа тројца пакистански војници. Пакистан ги блокираше рутите за снабдување на Авганистан по воздушниот напад во четвртокот. Никој не ја презеде одговорноста за вчерашниот напад во градот Шикарпур, кој е на север од провинцијата Синд.
Началникот на обласната полиција, Абдул Хамид Коса, за Би-Би-Си изјави дека во времето на нападот цистерните со нафта, кои го зеле товарот од јужното пристаниште Карачи, биле паркирани на бензинска пумпа. Околу 15 вооружени лица отвориле оган за да ги исплашат возачите пред да ги запалат возилата, изјавија очевидците на настанот.
Нападите врз конвоите за снабдување на НАТО се ретки во јужниот и во централниот дел на Пакистан, па безбедносните сили не обезбедуваат придружба што е рутинска постапка во северозападниот дел од земјата. Додека овие цистерни беа цел на напади неколку пати во Карачи, главен град на Синд, вакви инциденти никогаш не се случија на други места во провинцијата. Нападите, главно, се случуваа во северозападниот дел, во племенскиот регион Пешавар и Кибер, или во југозападната провинција Балочистан.
По прекуграничниот хеликоптерски напад од НАТО-силите во четвртокот кога загинаа тројца пакистански војници, Исламабад нареди затворање на граничниот премин Кибер Пас кон Авганистан. НАТО соопшти дека неговите летала возвратиле на огнот откако кон нив било стрелано од лесно оружје, како што се смета, од страна на бунтовниците. Меѓутоа, пакистанската армија соопшти дека нејзините војници отвориле оган за да ги предупредат хеликоптерите оти навлегле во пакистанскиот воздушен простор.
Ова е трет пат за помалку од една недела хеликоптерите на НАТО да гонат милитанти преку границата на Пакистан и да стрелаат кон цели. Пакистански официјални лица изјавија дека го затвориле граничниот премин Торкам во племенскиот регион Кибер за да обезбедат возилата на НАТО да не бидат нападнати од талибанците. Сега голем конвој од НАТО-возила чека да ја мине границата. Другиот главен премин на НАТО-силите за Авганистан - Чаман во Балочистан, остана отворен. Не е јасно дали конвојот со цистерни нападнат вчера се движел кон Торкам или Чаман.
НАТО соопшти дека камионите кои минуваат низ Пакистан превезуваат гориво, воени возила, резервни делови, облека и друга неборбена опрема за странските сили во Авганистан. Алијансата и САД имаат и други снабдувачки маршрути во Авганистан, меѓутоа, оние во Пакистан се поевтини и најпогодни. (Би-Би-Си) |