Ураганот „Густав“ му ги расипа плановите на Мекејн
Партиската конвенција на републиканците е одложена, бидејќи два милиона луѓе бегаат од ураганот
Партиската конвенција на републиканците е одложена со оглед на фактот дека два милиона луѓе бегаат од ураганот „Густав“, кој сега се движи кон Њу Орлеанс. Сенаторот Џон Мекејн, кој требаше да ја прифати партиската номинација за претседател, изјави дека не е време за партиска политика. Невремето од трета категорија вчера се очекуваше да стигне во Мексиканскиот Залив. Во Њу Орлеанс е воведен полициски час, кој трае од зајдисонце до изгрејсонце, а градот се опишува како град на духови. Егзодусот на околу 1,9 милиони луѓе од брегот на Луизијана е најголемата евакуација во историјата на државата. Вчера центарот или „окото“ на „Густав“ беше околу 285 км југоисточно од брегот на Луизијана.
Беа откажани говорите за отворањето на конвенцијата на републиканците во Сент Пол, Минесота, а претседателот Џорџ Буш и потпретседателот Дик Чејни ги откажаа плановите за обраќање на вчерашниот настан.
Буш наместо тоа се упати за Тексас за да ги надгледува операциите за доставување помош. Американскиот претседател Џорџ Буш, кој беше критикуван за справувањето со последиците од ураганот Катрина во 2005 година сега е во Тексас за да ги надгледува подготовките за справување со штетите од природната катастрофа.
По враќањето од посетата на подготовки за испраќање хуманитарна помош во Мисисипи, Мекејн изјави дека делегатите на конвенцијата треба „да ги симнате нашите републикански капи, и да ги ставете американските и да кажете - Америка ние сме со тебе“. Од таборот на сенаторот од Аризона изнајмија авион кој ќе ги врати загрижените делегати во државите од кои доаѓаат, а на кои им се заканува ураганот. Дописникот на Би-Би-Си кој беше во Минесота за да присуствува на конвенцијата јави дека републиканците сакаат да избегнат онаква политичка штета каква, што беше предизвикана од администрацијата на Буш поради несоодветниот одговор на ураганот „Катрина“ пред три години. Јасно е дека партијата не може да си дозволи да биде домаќин на гламурозен политички настан додека жителите на Њу Орлеанс уште еднаш го напуштаат градот, изјави тој. Во 2005 година три четвртини од Њу Орлеанс беа поплавени од невремето кое одзеде повеќе од 1.800 животи во крајбрежните области. Сега сите очи се вперени во насипите на градот, кои беа урнати од ураганот „Катрина“, кој беше невреме од трета категорија.
На конвенцијата на републиканците в среда и официјално ќе биде номиниран Мекејн за претседател и гувернерката од Алјаска, Сара Пејлин како потпретседател. Говорот на Мекејн со кој ја прифаќа кандидатурата, е закажан за вечерва во ударно време и се смета за најважниот настан во кампањата за неговите шанси за освојување на Белата куќа во ноември. Во меѓувреме, кандидатот на демократите Барак Обама изјави дека ќе ја отвори големата донаторска листа за да пренасочување на финансиски средства или волонтери за помош, за да се одговори на „Густав“.
Во заливот е испратен и воен брод со 3.200 војници кои ќе се вклучат во евентуални спасувачки операции.Тројца тешко болни пациенти починале за време на евакуацијата од 84 од вкупно 150 болниците во Лузијана.
Нафтените платформи од Тексас до Њу Орлеанс, кои обезбедуваат 25 проценти од потребите за гориво во САД се затворени поради невремето, а повеќе 11,5 милиони жители од пет американски држави можат да бидат засегнати од ураганот. (Би-Би-Си) |