„Браќа Манаки“ ќе добие нов директор
Фестивалот на филмската камера годинава го слави својот 30-годишен јубилеј
Сунчица Уневска
Веќе од понеделник ќе почне процесот за избор на нов директор на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. На 12 јануари е закажана редовната годишна средба на членовите на Друштвото на филмски работници, на која една од точките на дневниот ред е токму изборот на нов директор на „Браќа Манаки“. Планот, како што ни рече претседателот на Друштвото Роберт Насков, е до крајот на јануари или почетокот на февруари директорот да биде избран, па да може со време да се пристапи сериозно кон подготовките на новиот фестивал. Како што нагласи тој, годинава овој наш голем фестивал го слави својот 30-годишен јубилеј и ако сакаме да го надминеме она што ни се случи и да направиме фестивал каков што прилега на оваа годишнина, тогаш работите треба да почнат веднаш да се средуваат.
Имено, минатата година „Браќа Манаки“ доживеа скандал поради идејата на неговите организатори предводени од директорот Томи Салковски, поголемиот дел од фестивалот да се пресели во Скопје. Не само што идејата беше лоша, бидејќи „Браќа Манаки“ веќе е институција која има свои длабоки корени, кои секако треба да се почитуваат, туку излезе дека и сите институции кои го поддржаа фестивалот не биле известени за неговата нова концепција. Како и да е, овој скандал, кој резултираше и со енормно отсуство на публиката во киносалите, го наметна прашањето, што понатаму. Како понатаму ќе продолжи овој фестивал, кој е одговорен и кој треба да биде дел од неговото конципирање и одржување, а најмногу се постави прашањето за нашиот однос спрема вистинските и веќе изградени вредности. Затоа го прашавме Роберт Насков дали станува збор за смена на досегашниот директор и за намера да се внесат поголеми промени во начинот на неговото одржување и во неговата концепција.
Но, Насков изјави дека не станува збор за смена, туку дека на Томи Салковски му завршил третиот едноподруго двегодишен мандат. Имено, Салковски беше директор на фестивалот шест години и неговата смена доаѓа по редовен пат. Според статутот на ко��курсот за нов директор, тој може и повторно да конкурира иако, како што дознаваме, Салковски нема таква намера. А во игра како еден од сериозните кандидати, кој има и доста поддршка од членовите на Друштвото, е актерката и продуцентка Лабина Митевска. Но, сепак, е рано и се' уште ништо со сигурност не се знае, бидејќи допрва ќе биде отворен овој конкурс на кој можат да се пријават новите кандидати и да ја достават својата програма и својот тим со кој би работеле на фестивалот. Бидејќи, факт е дека за еден голем фестивал, кој како и нашиот има голем рејтинг, голема традиција и најмногу ја претставува својата земја надвор, потребен е квалитетен тим.
Но, со оглед на сите проблеми што настанаа во текот на минатото издание, останува отворено прашањето за тоа кој треба да биде дел и чија одговорност е овој фестивал. Факт е дека тоа не е само Друштвото, туку и другите негови основачи, Кинотеката на Македонија и Општина Битола. Роберт Насков најави дека нивниот план е штом ќе биде избран новиот директор, да се одржат средби и состаноци со основачите, со Министерството за култура и со сите релевантни институции, и фестивалот да се постави на здрави нозе. Како што рече Насков, тие ќе побараат поактивно вклучување на сите, а особено на Општина Битола, од која очекуваат поголем ангажман во поглед на логистиката и инфраструктурата. Годинава го славиме 30. јубилеј и навистина во интерес на сите е овој фестивал да се врати на старо, односно да го задржи својот бренд, но и да оди напред и да биде многу подобар од досегашните. Зашто, ако на фестивалот му треба промена, на која се повикуваа организаторите лани, тогаш таа промена треба да се направи, но, секако, во духот на фестивалот, а не на негова штета.
Во Македонија има и друг многу реален проблем со празните киносали, чиј број, и онака мал, се' повеќе и натаму се намалува. Ниту еден од трите филмски фестивали во земјава не помина добро. Иако кога станува збор за „Браќа Манаки“, веруваме дека во Битола има публика, само има голем проблем со вистинска комуникација и соработка. Инаку, Насков во овој наплив на кампањи на Владата предлага и кампања за враќање на публиката во киносалите, бидејќи едно е јасно, дека каков фестивал и да направите, без поддршка на публиката, тој не може да опстане. Така што, неговата иднина, за која апсолутно се залагаме, зависи од сите нас. |