Уште пет дена трае конкурсот за „Роман на годината“
Во Редакцијата секојдневно пристигнуваат романи кои ќе конкурираат за престижното литературно признание
Невена Поповска
Конкурсот за доделување на наградата „Роман на годината“, кој Редакцијата на „Утрински весник“ го распиша годинава по десетти пат се доближува кон крајот. Уште пет дена не делат од затворањето на списоците со бројните наслови кои годинава ќе учествуваат во трката за престижната литературна награда. Секојдневно пристигнуваат наслови и нивниот број, особено во овој период, се повеќе се зголемува.
Доделувањето на наградата на „Утрински весник“ за најдобар роман напишан на македонски јазик, од самиот почеток наиде на бројни позитивни реакции. Во една прилика, член на жири-комисијата за доделување на наградата ќе рече: „Сметам дека и „Утрински весник” заслужува награда за идејата, но и за реализацијата на конкурсот, кој веќе е национално богатство за стимулирање на нашата култура и литература, како гест на вистинска анимација, афирмација и креативен поттик.“ Наградата „Роман на годината“ е единствената литературна награда во земјава која се доделува за овој жанр, но и висината на паричниот дел на наградата е единствена. Во изминативе десет години членови на жири-комисиите биле реномирани професори, академици, книжевни критичари... Според нив конкурсот за наградата на „Утрински весник“ претставува репер и филтер за квалитет
Јавноста има општ впечаток дека македонскиот современ роман е во добра развојна насока, особено откако се востанови наградата на „Утрински весник“, за која конкурираат редовно голем број наслови и кои го покриваат поголемиот дел од годишната продукција во земјава. Но, исто така постои мислење и дека на романот му е потребен подолг период на созревање за да произведе наслови со вонсериски – „светски“ дострел.
Од друга страна неколкупати досега е констатирано дека во изборот на „Роман на годината“ на „Утрински весник“ постои тенденција за откривање на нови имиња, која жири составите настојуваат континуирано речиси да ја воведат во практика. Билансот на романопроизводството во Република Македонија- т.е. продукцијата е принос на романот во нашата литература и е забележлив како факт за импозантен квантитет. Сепак, знаеме дека нема автоматизам во прераснувањето на квантитетот во квалитет. Продукцијата која досега учествуваше на конкурсот на „Утрински весник“ покажа дека македонските писателки и писатели преку секојдневните мали теми генерализираат општи состојби на духот и менталитетот, обидувајќи се да бидат уметнички сведоци но и одреден коректив на мноштвото вистини и невистини со кои живееме денес. Остварувањето на овие писателски амбиции се одвиваат преку неколку жанрови кои главно кокетираат со постмодернизмот или со најновите биографско- историски тенденции во современиот Европски роман. „Постоеше време, ќе рече академик Влада Урошевиќ, кога поимот „роман“ во македонската книжевна средина звучеше магично, како нешто речиси недосегливо. Денес се променети времињата - роман е дел од секојдневната книжевна продукција. Со вештина потребна за пишување на овој жанр располагаат и веќе реномираните писатели, но и некои млади, кои амбициозно пристапуваат кон поголемите книжевни зафати. И во карактеристиките на романите има промени: до пред десетина години средината во која се одигрува дејството беше речиси редовно Македонија; сега се извонредно чести излегувања надвор од нашата средина - писателите бараат нови простори, нови гледници, се движат, доста самоуверено, низ Загреб, Фиренца, Неапол, Антверп, Минхен - низ градовите и пределите на Швајцарија, Турција, Сирија... Покрај класичната раскажувачка структура почнува да се применува и паралелно водење на дејството, мешање на времињата, промени на ракурси. Има враќања во историјата, но постои видлив интерес и за актуелниот миг, за случувања во чие што непосредно ехо се уште живееме.“
Комисиите кои веќе девет години наназад беа дел од проектот „Роман на годината“, имаат задача од мноштвото романи разнородни по тема и наративна концепција, романи кои припаѓаат на различни стилски формации, романи чии автори се од различни генерации, од дебитанти до потврдени книжевни имиња и, на крајот, романи кои демонстрираат различно поимање на самиот термин роман, да изберат еден кој ќе го носи епитетот „Роман на годината“ на „Утрински весник“. Таа намножена разновидност ги потврдува веќе стекнатите вредности на македонскиот роман, но донесува и значајни новини. За целиот овој период од девет години, колку што се доделува наградата на „Утрински весник“ таа прерасна во престижно книжевно признание кое ја враќа вербата во во наградите. За тоа секако, во најголема мера, придонесува и Редакцијата на „Утрински весник“, не само со начинот на доделување на наградата, со транспарентноста при доделувањето, широкиот одѕив што таа го има кај македонските прозаисти и членовите на жири-комисијата кои секогаш се со усет избрани. |