Власта ги бојкотира изборните новини
Критики од СДСМ до владејачката ВМРО-ДПМНЕ и до партиите од албанскиот политички блок, кои го избегнаа почетокот на јавната дебата за измените во Изборниот законик
Катица Чангова
Новините во изборното законодавство се сериозен проект, а власта се однесува несериозно и ги бојкотира. Вакви критики од опозициската СДСМ до претставниците на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и до партиите од албанскиот политички блок се слушнаа вчера, на почетокот од јавн��та дебата за измените во Изборниот законик. Решенијата од работниот текст, кои се плод на едногодишна работа, а се' уште не се влезени во владина и собраниска процедура, ги обелодени Министерството за правда. Парламентот ќе има 123 пратеници, а тројца што ќе се кандидираат од дијаспората се избираат според мнозински модел во три изборни единици - Европа и Африка, Северна и Јужна Америка, Австралија и Азија. За странците, кандидати за пратеници треба да се соберат илјада потписи од запишаните избирачи во изборните единици. Гласањето се проширува и во конзуларните канцеларии, а не само во дипломатско-конзуларните претставништва, но само со претходна пријава и со исполнети услови за запишување во избирачкиот список за странство. Формирањето на избирачките одбори за контингентите ќе биде надлежност на Министерството за надворешни работи.
„Главните играчи ги нема, а во нивното отсуство се чита политичката волја за Изборниот законик. Оваа дебата е вистински маркетинг, ама неуспешен“, истакна Цветанка Иванова, пратеничка на СДСМ. Според Иванова, главни пунктови на кои треба повеќе да се работи се финансирањето на изборната кампања, кое е почеток на корупција и на составот на избирачките одбори во дијаспората.
Министерот за правда, Михајло Маневски, потенцира дека посебен акцент е ставен на изборната кампања во однос на правните механизми од незаконското финансирање. „Кампањата може да се финансира од членарина на политичка партија, од донација на физичко лице во висина од 5.000 евра и од донација на правно лице што е 5 отсто од вкупниот приход од претходната година“, објасни Маневски.
За професорката на Правниот факултет, Гордана Силјановска, донациите се клучна одредба и треба да бидат во фиксни износи. Таа смета дека подобро решение е поранешното во кое донацијата за фирми се фиксираше на 20.000 евра. Силјановска посочи на мандатот на ДИК, кој не треба да се совпаѓа со мандатот на парламентот. „ДИК треба да има мандат од пет години, а на тој начин ќе биде стручно и респектирано тело на кое политички не треба да се влијае“, истакна Силјановска. Таа се заложи за чекор напред во родовата димензија, предлагајќи квотата за жени на изборните листи да се зголеми на 40 проценти.
„Кое тело ќе ги контролира сметките на политичките партии, ДЗР, ДИК, ДКСК, Министерството за финансии“, праша претседателот на Државната изборна комисија, Александар Новакоски. Законот е нејасен во овој дел, смета тој. Притоа Новакоски го нотира и пописот на дијаспората како многу важно, а непрецизно дефинирано прашање. Ако МНР ја повикува ДИК за попис на иселениците, тогаш прашање е со кои ресурси институцијата одговорна за организација на изборите ќе го направи тоа. „Апелирам до Министерството за правда да предложи модел за евидентирање на иселениците“, рече Новакоски. Тој смета дека и во Македонија, по примерот на Хрватска, потребно е да се донесе закон за привремен попис на избирачи во странство. На овој начин, смета првиот човек на ДИК, државата ќе покаже полн капацитет, но и ќе се добие во квалитет на избирачкиот список што е клучен за доверба во резултатите.
Директорот на граѓанската асоцијација „Мост“, Дарко Алексов, смета дека трагата на парите од донации не треба да се бараат само во наменската сметка за избори, која субјектите се обврзани да ја отворат 33 дена пред изборите, туку и во партиската сметка каде што многу порано се слеваат пари кои потоа стигнуваат на изборната сметка. „Предмет на увид треба да е целосното финансиско работење на партиите во последните шест месеци пред распишувањето на изборите. Така ќе се има увид во финансиските текови и во тоа колку се троши во кампања“, објасни Алексов.
Претставниците на помалите партии побараа еднаков пристап до информативните блокови на јавниот сервис, но и ударна сатница како што се практикува за поголемите субјекти.
Митинзите без деца
Митинзите и јавните собири не се места за малолетници. Учеството на деца во рекламирањето што стана редовна појава во иднина нема да биде дозволено. „Децата не смеат да се инструментализираат за политички цели“, истакна министерот за правда. Тој додаде дека пет дена по распишување на изборите, радиодифузерите и печатените медиуми се должни да утврдат ценовници за платено политичко рекламирање, кои треба јавно да ги објават. „Ценовниците не смеат да се менуваат во текот на изборната кампања. Измените предвидуваат обврска платеното политичко рекламирање да биде јасно означено и одвоено од другите содржини во ��едиумите, а нарачателот да биде јасно означен“, објасни Маневски. (К.Ч.) |