Новинарите в сабота на избори
Тамара Грнчароска
До петок Здружението на новинари на Македонија ќе ги прима пријавите за членство во ЗНМ и регулирањето на членаринарата на старите членови до 2010 година, со цел да се зголеми бројот на членството, кое в сабота ќе го избере новото раководство на Здружението. До вчера ЗНМ имаше регистрирано 197 члена со регулиран статус, кои можат да избираат и да бидат избрани на Изборното собрание на ЗНМ, што според Газмент Ајдини, член на актуелното раководство на ЗНМ, е мала бројка споредено со регистрираните над 1.300 новинари во земјава.
Новиот Статут на ЗНМ предвидува секој член да има право на глас. Поради тоа, новото раководство на ЗНМ ќе се избира со поединечно тајно гласање од сите редовни членови на Здружението, кои ќе дојдат на Изборното собрание. За првпат ЗНМ на ваков начин ќе избира раководство, што резултираше со досега најавени четири кандидатури за претседател и нивна кампања по медиумите за мобилизација на новинарите да дојдат и да гласаат.
Зад секој кандидат треба да стојат 10 редовни члена на ЗНМ. На ист начин ќе се избираат и членовите на телата на Здружението. Секој член ќе има можност да номинира и да биде номиниран за член на некое од телата на ЗНМ со поддршка од петмина, по што од предлозите ќе се формира по една листа за секое тело, од кои тајно ќе се гласаат одреден број членови.
Изборното собрание ќе се одржи в сабота со почеток во 10 часот во петата хала на Скопски саем. Предвидена е можноста за зачленување и за регулирање на членарината на самото место, еден час пред стартот на Собранието. Но, поради можноста од создавање метеж, ЗНМ повикува тоа да се стори до петок во просториите на Здружението.
За да се зголеми масовноста на Собранието и со тоа да му се даде поголем легитимитет на идниот претседател и тела на ЗНМ, организиран е и превоз за новинарите од внатрешноста преку регионалните центри на Здружението. Превоз ќе биде обезбеден од Тетово, Охрид, Битола, Штип, Струмица и Куманово. „Поразителен би бил фактот да останеме на 197 члена, бидејќи кворумот потребен да се одржи Собранието е да бидат присутни 15 проценти од членовите. Тоа е проблематично, бидејќи би значело дека Собранието би можело да се одржи со присуство на само 29 члена“, вели Ајдини. |