Радевски не признава за две убиства, а третото го сторил во самоодбрана
Симон Илиевски
ОХРИД - Лазе Радевски (60) негира дека е сериски убиец, како што го осомничи полицијата. На вчерашниот почеток од судскиот процес во Основниот суд во Охрид, Радевски го призна само убиството на Трајче Цоцевски, тврдејќи дека тоа го сторил во самоодбрана, а не ги призна убиствата на Спиро Ставревски и на Ракип Раим. Обвинетиот рече дека изјавите пред истражниот судија ги дал под притисок на полицијата. Додаде дека некој инспектор од МВР му ветил дека ако ги признае убиствата на Ставревски и на Раим, ќе му биде ублажена казната.
На вчерашниот главен претрес пред Кривичниот совет, со кој претседаваше судијката Милка Таневска, Радевски рече дека три ноќи бил држен во охридската полиција, па дури потоа му била одредена мерка притвор. Во тоа време го тепале и малтретирале и, како што изјави пред судот, му се заканувале со смрт за него и за неговото семејство доколку не ги признае убиствата на Ракип Раим и Спиро Ставревски. За Раим рече не се знаеле многу, освен што еднаш по барање на сосетка, разменил сто евра кај Ракип. Радевски рече дека некој инспектор од МВР го притискал да изјави дека од Ракип зел 800 евра и дека овој му се заканувал дека ќе го убие доколку не му ги врати.
Во врска со убиството на Спиро Ставревски, Радевски рече дека се знаеле од времето кога заедно работеле во фабриката „Застава“ и дека не го убил затоа што за тоа немал никаква причина. Објаснуваше дека дента кога е пријавено исчезнувањето на Ставревски, кај него дошла полиција, бидејќи тој претходно ѕвонел на неговиот мобилен телефон за да побара да смени пари за сосетката и дека полицијата го открила бројот веројатно со помош на мобилните оператори. Тој рече дека на Спиро му должел 3.000 денари, кои подоцна и' ги вратил на неговата сопруга.
За последното убиство на дилерот со девизи Трајче Цоцевски, Радевски призна дека го убил, но во самоодбрана. Тој рече дека со Трајче се договориле да му промени 800 евра во долари и неколку дена го чекал да дојде во продавницата. Тој ден, Трајче дошол во продавницата „Грини“, при што имале расправија, Трајче се обидел да го нападне со нож, го удрил со телефонска слушалка и се обидел да го испрска со спреј во очите, но не успеал. Објаснуваше дека испаничен со два удара со чекан го усмртил дилерот Трајче Цоцевски. Потоа го завиткал во најлон што го имало во дуќанот и го ставил на задното седиште на неговиот автомобил. Вечерта отишол дома, а утредента со жена му, која како што рече, не забележала што има на задното седиште, биле да го средат лозјето во селото Оровник во близината на Охрид. Откако се вратиле, тој отишол и го фрлил телото во близината на реката Сатеска. На прашањата на Судскиот совет за детали во ц��лиот процес во вршењето на злосторството, Радевски честопати велеше дека не се сеќава и дека вистината е таа што ја зборува пред судот, а не во полицискиот распит.
Судскиот процес продолжува денеска со сослушување на оштетените од семејствата на убиените дилери со девизи.
Според обвинението, Лазе Радевски на 28 мај 2006 година го намамил дилерот со девизи Ракип Раим во продавницата „Грими“ на булеварот „Туристичка“ во Охрид за да го регулираат дадениот заем порано. Во продавницата, сопственост на неговиот зет, Лазе со чекан неколкупати го удрил во главата и го усмрти Ракип Раим. Второто убиство на Спиро Ставревски, според обвинението, се случило на 8 февруари лани во истите простории и на сличен начин, со удирање со чекан во главата на Ставревски. Убиството на Трајче Цоцевски било извршено на 12 април годинава.