Поглед
Наметната фотелја
Билјана Ангеловска
Веќе нема дилема. Владата отворено почна да ги презема ингеренциите во Скопје. Назначувајќи свои луѓе за претседатели на управните одбори, практично, засега стави рака врз работата на три градски претпријатија: „Водовод“, „Комунална“ и ЈСП. И тоа, без да ги праша луѓето и без воопшто да ги информира дека има таква намера. Па, сега, новименуваните функционери се најдоа затечени, да ја прифатат понудата или не. Не е важно дали се компетентни за дејноста во која ќе треба да креираат политика на работење, не е важно ни дали можат и дали смеат да седат на две фотелји, со оглед на тоа што сите тројца веќе раководат со државни институции. Не е важно дали постои конфликт на интереси дали е во согласност со законот.
Претстојат локални избори за кои се потребни пари. А, градските јавни претпријатија се повеќе од солиден и сигурен извор. Особено кога нивната работа ќе ја контролираат луѓе блиски на власта. Костовски лани ја заврши работата со тоа што издејствува 100 процентно поскапување на водата, па со оглед на трошоците на „Водовод“, повеќе од сигурно е дека има пари во неговата каса. Впрочем, на Владата многу добро и' е познат принципот на работа на ова претпријатие, бидејќи само до вчера таму директор беше сегашниот министер за транспорт. „Комунална“ очекува деновиве да добие зелено светло и да ја поскапи ѓубрарината за повеќе од 32 отсто. Владата ќе даде многу пари во ЈСП за набавка на нови автобуси. За колку средства станува збор, сите кријат, но некој во претпријатието ќе мора да контролира колку и каде ќе се насочуваат парите. Тоа, секако, најдобро ќе може да го прават доверливи луѓе. Оттаму, тешко е да се очекува ќе ја одбијат понудата. Барем се' додека со случајот не се зафати Антикорупциска. |