Македонија
Шест месеци подоцна: од дрвцата нема ни трага
Сите креваат рамена кога е во прашање грижата за засадените дрвца. Главен виновник ќе испадне небото затоа што не беше дарежливо со дожд
Горан Адамовски
Штип, Велес - Шест милиони садници во октомври, по десет милиони садници во март и во октомври в година, најавуваат од Иницијативниот одбор на Денот на дрвото за новите акции што ќе се случат половина година по првата, во која два милиона садници беа засадени на 67 локации низ земјава. „Утрински весник“ посети неколку локации каде што на 12 март се насадуваа садниците и, според тоа што го видовме, невозможно е на тие места ќе израснат борови или багреми зашто најголемиот дел од посадените дрвца никаде ги нема. Оние садници што може да се видат се суви, а пашата на овците и добитокот ги уништува последните надежи дека мотото при садењето „Кислород за следните поколенија“ навистина ќе се оствари. Расфрлани хартии, шишиња, амбалажи... Ништо необично за депонија. Оваа е во Штип, поточно на десетина километри од градот, до кој се стига по асфалтираниот пат, полн со дупки. Необичното е тоа што под ѓубрето биле посадено неколку десетици илјади садници, кои ќе ги видите само ако загазите во ѓубрето. „Првичниот план беше садниците да се засадат во околните ридови на градот, но потоа, надлежните се одлучија за оваа локација, бидејќи се сметаше дека кога ќе пораснат дрвјата, ќе го чуваат градот од ѓубрето, кое ветрот го разнесува“, објаснуваат штипјани. Но, тешко ќе се случи дрвјата да пораснат, бидејќи и на надлежните сега им стана јасно дека земјата била сува и дека „можеби и не била добра идејата таму да се засадуваат садниците“. Можеби и затоа садниците се оставени на милост и немилост. Вода гледаат само ако заврне, што е ретко. Требало да ги полеваат вработените од ЈП „Исар“, кои се грижат за депонијата. Но, и работниците што ги затековме признаваат дека тоа ретко го прават, бидејќи „вода нема ни за градот ни за жителите“. Во „Македонски шуми“ велат дека не се фатил само првиот ред, а дека другите садници заживеале! Во Иницијативниот одбор за акцијата „Денот на дрвото“ се согласуваат дека акцијата требало да биде подобро организирана. „Нашата цел беше да ги посадиме дрвцата и да ја подигнеме свеста кај граѓаните, а во државата постојат институции што треба да се грижат за нивно заживување. Ние како граѓанска иницијатива, ниту можеме да се грижиме, ниту имаме имаме ингеренции“, велат од Одборот. Експертите велат дека најдобро време за пошумување е кон крајот на април и почетокот на мај, кога паѓаат поројни дождови, како и кон крајот на октомври и почетокот на ноември пред снежните врнежи. Првата акција беше реализирана во март, кога времето е суво, иако следните два дена по пошумувањето се по��одија врнежливи. „Климатските услови се најбитни, бидејќи, нормално, садниците не можат да се вадат со класичен систем за наводнување, а да се качуваат цистерни со вода на ридовите е скапа работа. Влажната почва и воздух го вршат најголемиот дел. Од друга страна, постојаното налевање на садниците може да предизвика контраефект“, вели Владимир Бахчовановски, директор на ЈП „Македонски шуми“. Според него, претпријатието коректно си ја врши „домашната задача“. Но, жителите на велешката населба Превалец, во чија близина кај месноста Голик, на површина од 30 хектари, беа засадени 60.000 садници, велат дека шумар не виделе со месеци. „Ги засадија дрвцата, првите неколку недели редовно ги наводнуваа, ама сега никој не се грижи за нив. Им дадоа живот, ама не ги оставија да живеат“, велат жителите на Превалец. Садниците беа засадени во близина на црквата, на ридот од каде што се гледаат градот и фабриката „Порцеланка“. Овој реон, иако не беше зафатен од ланските пожари, организаторите одлучиле да го пошумат поради пристапноста на теренот, но, пред се', поради неговата близина до градот, имајќи ја предвид потребата од шумски предели на Велес поради долгогодишната лоша еколошка состојба. Во Општина Велес тогаш негодуваа што за локација не биле одбрани опожарени места или, пак, делот во близина на езерото Младост. Но, организациониот одбор го одбра Голик, иако се чини дека црн бор и багремови дрвца нема никогаш да израснат. Од „Македонски шуми“ тврдат поинаку. „Во јуни биле зафатени 95 проценти од садниците, а шумарски инженер постојано патролира таму“, тврдат од „Македонски шуми“. Но, жителите на Превалец, освен што негодуваат за немарноста на надлежните кон садниците, револтирани и се и од тоа што тие биле насадени на место што го користеле за напасување на својот добиток. „Никој не не' праша, а ќе им кажевме дека таму ги носевме животните на пасење. Немаше да ни биде криво ако од садниците испаднеше нешто. Вака, ем нема пасишта ем ништо од дрвцата. Двојна штета за нас“, се жалат жителите на оваа велешка приградска населба. Денот на дрвото, кој беше неработен ден, првпат беше обележан на 12 март годинава. Македонија засади над 2 милиона садници, по една за секој жител. Се садеше на 67 локации низ целата држава, меѓу кои и на местата што настрадаа во пожарите минатата година. Големата иницијатива предизвика „мобилизација“ на над 150.000 граѓани, кои излегоа и организирано посадија дрвца. Политичари, дипломати, пејачи, уметници, ученици и пензионери се вклучија во акцијата, која поради масовноста заврши за само неколку часа. „Оваа акција ќе цути, ќе расте заедно со дрвјата што ги засадивме“, изјавуваа граѓаните. Иницијативниот одбор се подготвува за новата акција. Во ноември ќе бидат засадени шест милиони садници. Поучени од минатото искуство, уверуваат дека овој пат организацијата ќе биде многу подобра. „Во март бевме изненадени колку граѓаните позитивно ја прифатија акцијата и затоа сега настапуваме многу поамбициозно“, велат од Одборот. Тие признаваат дека првите резултати од оваа иницијатива ќе можат да се почувствуваат откако ќе бидат изведени пет-шест акции и кога кај граѓаните и општеството во целина, ќе се разбуди екосвеста.
|