Брoj 2788  вторник, 16 септември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

Блаже Конески го чуваше зборот како светлина за својот народ

Славистите во Охрид со должна почит на најмаркантната личност на македонската литературна наука

Невена Поповска

ОХРИД - Блаже Конески е најграндиозната фигура во втората половина на 20 век во Македонија, рече во своето обраќање Трајко Стаматоски на промоцијата на книгата „Мислата на Блаже Конески“, објавена од Фондацијата „Небрегово“. Тој е високо ценет не само во областите во кои твореше туку и во научните и уметничките кругови во целиот свет, продолжи Стаматоски. Нарекуван е македонскиот Вук Караџиќ, патријарх на македонската ренесанса, енциклопедија на Македонија, споменик што оди по улиците итн. За своето дело има добиено највисоки признанија и тоа: како научник е избран за член на сите академии на науките и уметностите на некогашна Југославија, како и на некои академии во светот. Исто така, избран е за почесен доктор на повеќе светски универзитети. Но, над сето ова, над сите овие признанија, потенцираше Стаматоски, се две признанија што му ги додели македонската општествена, научна и уметничка јавност: основањето на Фондацијата „Небрегово“ (според името на родното село на Блаже Конески) и именувањето на Филолошкиот факултет во Скопје со неговото име.

Учесниците на Меѓународниот конгрес на слависти кој деновиве се одржува во Охрид со промовирањето на книгата „Мислата на Блаже Конески“ од Трајко Стаматоски и уште неколку изданија на Фондацијата „Небрегово“ и' оддадоа должна почит на најмаркантната фигура на македонската литературна наука. Со големо внимание и огромна посетеност беше проследена промоцијата на книгата. Изданието го претстави Снежана Веновска-Антевска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Во својата промотивна беседа Веновска-Антевска, меѓу другото, рече: „Убедена сум дека и авторот (Стаматоски) и уредникот (Петре Андреевски) и личноста на која и' е посветена оваа книга длабоко во себе ја носеле мислата дека со зборот се' се создало и дека со него се' може да се сруши, дека моќта на јазикот е голема ако го имаш за свој сојузник и ако го чувствуваш како нешто свое, како дел од себе. Тоа се луѓето кои создавале и го граделе, го заштитувале и го чувале зборот како лек и како светлина за својот народ, а со тој збор станувале вечни и неуништливи. Ако се чита внимателно она што е напишано во оваа книга, ќе се открие и пораката дека треба да се ��асветлуваат деловите од нашата поблиска историја и сега уште повеќе можеме да се повикуваме на Конески, како што се повикуваше тој на претходниците, во истражувањата на македонскиот јазик“. Почитта изразена во овие текстови, продолжи Веновска-Антевска, не е само обично извршување на дадената обврска, туку тоа е чувството дека се враќа некаков долг, со зборови внимателно одбрани, со смиреноста на авторот дека со сето она што значело порано соработка, дружење, почитување, не биле лажни, туку биле восхит кон делото и кон личноста на Блаже Конески. Стаматоски, потенцираше Веновска -Антевска, со нескриена жестокост застанува во одбрана на Блаже Конески. Тој жестоко го брани македонскиот јазик и исправноста на ставовите и погледите развивани во 50-деценискиот период на самостоен развој.

Стилот на Конески го карактеризира едноставност и кроткост, концизност и строгост, елегантност и јадровитост... Мислата во неговите дела тече плавно, бидејќи материјалот е веќе добро проанализиран и судовите оформени. Она што тој го стори за јазичниот израз со кој ги создавал своите трудови ќе има уште многу да се пишува, но ова што досега го има направено за него Трајко Стаматоски навистина претставува труд кон кој треба да се гледа со почит.

Покрај оваа промоција, учесниците на славистичкиот конгрес проследија и претставување на Избраните дела во 9 книги од академик Харалампие Поленаковиќ, кои пред присутните ги претстави академик Гане Тодоровски, а беа претставени и изданијата од Годината на македонскиот јазик, чии промотори беа: Илија Велев, Катерина Велјановска и Снежана Веновска-Антевска.


Статијата е прочитана 141 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Култура
Во Битола пронајдено копје за пробивање штит од 11 век
Музички перформанси како предигра за Биеналето на млади уметници
Француско признание за доктор Викторија Чаловска