Музички перформанси како предигра за Биеналето на млади уметници
Вечерва во културниот центар „Мала станица“ во 20 часот ќе се одржи музичко-поетски перформанс како дел од музичката работилница која изминативе денови се одржуваше во просторите на Домот на АРМ, како дел од активностите пред одржувањето на големото Биенале на млади уметници од Европа и Медитеранот, а чиј домаќин наредната година ќе биде токму Македонија. Во „Мала станица“ ќе се одржи промоција на книга-поезија од Ибрахим Спахиќ од Босна и Херцеговина, која ќе биде проследена со концерт на перкусионистите Изет Кизил од Турција и Александар Секуловски и Гоце Стефковски од Македонија, виолинистот Газменд Бериша, басистот Иван Бејков, саксофонистот Александар Серафимов и клавијатуристот Џијан Емин, односно дел од учесниците на музичката работилница. Уште еден настан вечерва како дел од музичката работилница, е концертот на неколкумина музичари од Италија и од Македонија, кој во живо ќе се пренесува на музичкото радио „Канал 103“ во 23 часот.
Утре пак, во Домот на АРМ во 21 часот, ќе се одржи завршниот концерт од работилницата на кој учество ќе земат сите учесници, како и менторите, меѓу нив и гитаристот Тони Китановски со ромскиот оркестар „Черкези“, акустичната современа група „Проект жлуст“, гостите од Италија, Франческо Беарѕати на тенор саксофон и Џовани Фалцоне на труба, перкусионистот Изет Кизил од Турција, вокалистот Владо Каевиќ од Сараево... Утрешниот концерт ќе биде конципиран така што менторите и младите учесници што ја следеа работилницата, ќе свират во повеќе организирани состави.
„Музичката работилница која деновиве се одржува во Скопје, во претпладневните и попладневните часови во Домот на АРМ, е една од седумте работилници кои ќе се случуваат во Скопје како дел од предбиеналните активности“, вели координаторот на работилницата Емин Џијан. „Целата идеја е да се организира музичка работилница за да се приближи уметноста и на помладите. Да се направи концерт како резултат од седумдневна работа, односно на крајот да се согледа целиот процес во кој можеа учесниците да видат како работат искусните, реномирани музичари, какви се нивните методи, пристап, нивниот став за музиката. Презадоволни сме од тоа како се одвиваше соработката. Нашата работа всушност, освен на вечерашниот и утрешниот концерт, ја прикажавме веќе и во два наврати надвор од Домот на АРМ, на концерти во клубот „Мјау-мјау“ и кафулето „Круг“, а кои беа мошне посетени“. (Т.И.) |