Француско признание за доктор Викторија Чаловска
Францускиот амбасадор во Македонија Бернард Валеро вчера на д-р Викторија Чаловска и' го врачи признанието „Витез во редот на академските палми“, кое се доделува со овластување на претседателот на Франција. „Вие бевте амбасадор на македонската медицина и наука во Европа и се ангажиравте во научната соработка меѓу Македонија и Франција“, рече амбасадорот Валеро, потенцирајќи дека Чаловска е исклучителен граѓанин на Македонија и на Европа.
Доктор Чаловска, заблагодарувајќи се за признанието, нагласи дека и претставува чест што го добива ова високо француско одликување.
Викторија Чаловска има искуство од Медицинскиот факултет во Париз, од детската болница „Некер“, а работела и во лабораторијата за молекуларна биологија и во институтот „Пастер“ во Париз. Нејзина специјалност се заболувањата на црниот дроб, пресадување и карциногенезата на црниот дроб. Чаловска има богато искуство од областа медицина и во Италија, Полска и Германија. |