Разделба на 4 Јули
Филип Рикер, амбасадор на САД на заминување, во понеделникот беше примен во проштална посета од претседателот, Ѓорге Иванов.
На средбата, која случајно коинцидираше со американскиот празник 4 Јули, амбасадорот Рикер истакнал дека САД високо ги цени пријателството и партнерството со Република Македонија и му се заблагодарил на претседателот Иванов за исклучително позитивната и к��нструктивна соработка за време на неговиот мандат. Амбасадорот во заминување, Рикер, исто така, истакнал дека е особено горд за соработката во сферата на безбедноста и одбраната, како и на стратегиското партнерство, засновано врз заемното почитување на идентични вредности изразено и преку поддршката што ја дава Република Македонија во важните операции за заштита на демократијата во меѓународните воени мисии.
Според Кабинетот на претседателот, на срдечната средба двајцата соговорници се согласиле дека односите меѓу Република Македонија и САД се исклучително добри на ниво на стратегиско партнерство, кое со несмален интензитет опстојува од осамостојувањето на Македонија до денес и дека добрите односи ќе продолжат и во иднина.
Обострано била изразена надеж дека наскоро Република Македонија ќе ги реализира стратегиските приоритети – полноправно членство во НАТО и во Европската унија. Претседателот Иванов оцени дека тоа ќе биде чекор што ќе придонесе за просперитетот, стабилноста и за демократскиот развој на регионот – цели што ги делат и Соединетите Држави и во чие реализирање инвестираа значителни ресурси.
На крајот, претседателот Иванов ја искористи можноста да му го честита на амбасадорот Рикер националниот празник на САД, Денот на независноста – 4 Јули.
|