Реакција на МПМ
Отказите не се заради легален штрајк
Менаџментот на МПМ дозна преку медиумите дека во комуникација меѓу ССНМ и здружението на германските новинари Верди се расправа за состојби кои спаѓаат исклучиво во надлежност на нашата компанија и нејзините легитимно избрани органи на управување, а притоа без било каква консултација со нив.
Не е точно дека отказните решенија врачени на пет вработени во "Утрински ��есник" се направени заради учество на легално организиран штрајк. Изјавите што ги дадоа претставникот на Синдикатот на вработените во "Утрински весник" и претставникот на ССНМ во рамките на официјалниот состанок со менаџментот на МПМ потврдуваат дека не се работи за легално организиран штрајк, а уште помалку дека тој прекин на работа бил организиран од за тоа надлежните инстанци. Овој момент е дотолку повеќе важен, што на тој чин на самоволие не му претходеле било какви мерки превземени од страна на менаџментот за да предизвикаат таква неодмерена реакција. Во конкретниот случај се работи за тешка повреда на работната дисциплина и сериозно нарушување на процесот на работење во редакцијата, што беше санкционирано согласно правилниците на компанијата. Притоа менаџментот утврди дека ниту главниот и одговорен уредник ниту претставникот на Синдикатот на вработени на „Утрински весник“ не иницирале или повикале на било каков прекин на работење или штрајкување во редакцијата.
Не ни е познато на кои извори се повикува германското здружение Верди, но укажуваме дека Менаџментот на МПМ, како и претставниците на Ост Холдинг, почнувајќи од месец март 2011 имаат одржано неколку состаноци со претставникот на ССНМ, на кои беа пренесени планираните економско-финансиски мерки за рехабилитација на редакциите, вклучувајќи го и "Утрински весник". Впрочем на 7 јуни претставникот на Ост Холдинг, сопственик на друштвото КРУГ и Менаџментот на МПМ одржаа состанок со сите вработени на "Утрински весник", на кој учествуваше и претставникот на синдикатот на вработени на "Утрински весник", при што на вработените им беше соопштено дека пакетот на мерки вклучува и персонални зафаќања и решенија, со цел да се спаси брендот од затворање, поради исклучително лошата финансиска ситуација, која трае подолго време.
Менаџментот цени дека процесот се води транспарентно и согласно сите стандарди на ВАЦ медиумската групација и важечката домицилна легислатива. Квалификации од типот на недостаток на цивилизираност одлучно отфрламе како неумесни, некултурни и арогантни оценки, кои не почиваат врз никакви факти, туку се паушално изнесени и со самото тоа навредливи.
|