Јакимовски не доби поддшка за одговорност на Манасиевски
ЛДП оцени дека нивниот изборен резултат е „во рамките на проектираниот“
Либералдемократот Стевчо Јакимовски побарал одговорност од претседателот на ЛДП, Јован Манасиевски, за остварениот изборен резултат на завчерашната седница на Извршниот одбор на партијата, но сите членови на одборот се изјасниле против ваквиот предлог, соопштија од ЛДП.
Барањето одговорност од лидерот се случило во текот на расправата за извештајот за спроведувањето и резултатите на предвремените парламентарни избори. Партиското раководство, притоа, меѓу другото, констатирало дека „вонредните парламентарни избори не може да се оквалификуваат како фер и демократски“.
„Изборниот процес во целост се одликуваше со нерегуларна атмосфера. Овие избори, според општите оцени, се најлошо организираните парламентарни избори досега. Во својот официјален извештај мисијата на ОБСЕ недвосмислено констатира дека спроведените парламентарни избори не ги исполнија клучните критериуми за фер и регуларни избори. Со тоа, за жал, дополнително се отежнати евроинтеграциските процеси на нашата држава“, се вели во соопштението.
Било констатирано и дека „распишувањето и спроведувањето на овие избори ја вратија Македонија еден голем чекор назад во однос на исполнувањето на основните политички критериуми за влез во ЕУ и во НАТО, дополнително го влошија лошиот имиџ на Македонија и целосно ја загрозија нејзината меѓународна позиција“.
ЛДП смета дека „огромни средства се потрошени во кампањата од страна на владејачката партија кои, според првичните груби процени, ја надминуваат бројката од 32 милиона евра, што значи дека за секој ден кампања, владејачката партија трошеше по над 1,5 милион евра“.
Партијата ја обвини власта и за „целосно окупирање на медиумскиот простор“, како и за „силен, фокусиран и континуиран притисок и закани врз сите групи во општеството што се наоѓаат во зависност од буџетот и вкупниот јавен сектор“ и за „масовни вработувања во јавниот сектор и силно изразени ветувања за вработувања во него, особено кај младата популација“. Вкупниот резултат на „Сонце“ од 233 илјади гласа и освоените 27 мандати, според ЛДП, е послаб од очекуваниот, што според нив се должи на неподготвеноста на опозицијата за предвремени избори.
За изборниот резултат на ЛДП во партијата сметаат дека е „во рамките на проектираниот“, со остварени четворица пратеници, што е за еден помалку во однос на претходниот состав. (П.Р.) |