Предметот „Липковска брана“ доставен до Обвинителството
Случајот се однесува на затворањето на вентилите на кумановскиот водовод за време на конфликтот во 2001
Министерството за правда по извршениот превод го достави предметот за случајот „Липковска брана“ до јавниот обвинител на Република Македонија. Пакетот со преведените документи вчера се најде на масата на обвинителот Љупчо Шврговски, кој дополнително ќе му го даде на работа на обвинителот, кој го работел предметот пред да биде испратен во Хаг. Останува да се процесуира последниот случај познат во јавноста како „Водство на ОНА“.
„Липковска брана“ е третиот од четирите хашки предмети кои ресорното Министерство ги достави до Обвинителството. Претходно во различни фази од постапката беа доставени предметите за случаите „Мавровски работници“ и „Непроштено“. Најдалеку во процесуирањето е отиден предметот со малтретирањето на мавровските работници, за кој веќе се обвинети 17 лица и се чека закажувањето на судскиот процес. Заменик–претседателот на Основниот суд Скопје 1, судијката Ангелина Поповска, вчера не' информираше дека предметот се' уште не е насрочен и судијата што го води случајот ги прави последните подготовки пред утврдување на конечниот датум.
Барањето за спроведување истрага за случајот „Липковска брана“ се однесува на затворањето на вентилите на кумановскиот водовод за време на воениот конфликт во 2001 година, кога за малку беше избегната хуманитарна катастрофа поради тоа што близу 100.000 кумановци повеќе од 40-ина дена останаа без вода за пиење и се снабдуваа со помош на цистерни. (Г.Д.) |