Парламентот ќе работи и без да се формира влада
Нема да се чека формирањето на новата влада, собраниска седница е можна до крајот на неделата
Штотуку конституираниот парламент нема да чека да се формира владата, како што беше досегашната практика, туку веднаш ќе се фати за работа. Не е исклучено пленарна седница да има уште во текот на оваа недела за верификација на мандатите на новоизбраните пратеници, чии мандати не се доведуваат под знак прашање со прегласувањето в недела. На истото заседание пратениците треба да донесат одлуки за формирање на собраниските тела (20 комисии, Комитетот за односи меѓу заедниците и Советот за евроинтеграции), за избор на потпретседатели и за основање буџетски совет на Собранието. Формирањето буџетски совет практично претставува прв чекор за реализација на идејата за финансиско осамостојување на парламентот. Деновиве најверојатно ќе заседава Комисијата за избори и именување, која беше избрана на конститутивната седница на парламентот и каде што најпрво треба да поминат споменатите одлуки.
Сето ова било договорено на вчерашната средба на претседателот на Собранието, Трајко Велјановски, со поранешните координатори на пратеничките групи, но, сепак, не станало збор за персонални решенија. На состанокот присуствувале претставници од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ЛДП, со исклучок на ДПА, иако Велјановски повикал и нивни претставник.
Инаку, четворицата пратеници на ЛДП: Јован Манасиевски, Ристо Пенов, Роза Топузова-Каревска и Андреј Жерновски, формираа заедничка пратеничка група со Ѓорѓи Оровчанец од Нова алтернатива. Така што во ова Собрание ќе функционираат само пет пратенички групи: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ДПА и ЛДП - НА.
Според најавите од Владата, стотина закони веќе се готови и чекаат да почне собраниската процедура. За професорката по уставно право на Правниот факултет, Тања Каракамишева, не е спорно тоа што новиот собраниски состав треба да разгледува закони доставени од Владата во заминување. „Со оглед на фактот што мандатот го доби истата политичка опција, продолжува истата влада, законите не се проблематични. Бидејќи веројатно би биле во истата форма и доколку се почека формирањето на новиот владин кабинет, само што би се губело време. Бидејќи Собранието ги носи законите, битно е тоа активно да учествува во подобрувањето на текстот. Парламентот треба да биде покреативен, а не да функционира како гласачка машина и без никакви корекции да ги усвојува предлозите од владата. Новиот претседател на Собранието најави дека парламентот нема да има подредена улога, туку активно ќе учествува во креирањето на законите, па ќе видиме“, вели Каракамишева. (О.В.) |