Регионална награда „Бауер“ на Мотовунскиот фестивал
Во конкуренција за новата награда, која носи и пет илјади евра, се десет филма од седум земји од регионот, меѓу кои нема македонски
Сунчица Уневска
Мотовунскиот филмски фестивал, чие 12. издание ќе се одржи од 26 до 30 јули, ја воведе наградата „Бауер“ за најдобар филм на годината од земјите во регионот. Имено, нејзината посебност е што станува збор за награда специјално посветена на најновите остварувања од регионот односно од поранешните југословенски земји, а за чија селекција и избор се задолжени филмските професионалци од тие територии. Целта на наградата е да придонесе за уште поголемо отворање на националните граници, а особено на филмските пазари во земјите од овој регион.
Наградата ќе се доделува за филмовите снимени во седум земји, и тоа: Словенија, Хрватска, Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово. Интересно е да кажеме дека и порано постоеше регионална награда на Мотовунскиот фестивал, чиј назив беше „Од А до А“, но, наградата „Бауер, сепак, е малку поинаква и ќе се доделува по нови правила. Идејата е филмските професионалци, кои ја прават селекцијата, да го одберат и најдобриот филм на сезоната, со тоа што сите овие земји ќе бидат подеднакво и рамноправно застапени. Наградениот филм, освен што ќе го понесе признанието „Бауер“ за најдобар во регионот, на режисерот ќе му донесе и паричен износ во висина од 5.000 евра.
Во конкуренција можат да бидат сите долгометражни филмови прикажани во редовна дистрибуција најмалку пет дена или во програмата на некои од фестивалите од А категорија. Премиерата и дистрибуцијата мора да биле во периодот од 1 јуни претходната до 1 јуни во тековната година. За жал, во Македонија во овој период немаше дистрибуција на ниту еден македонски филм.
Инаку, изборот на филмови го прават локални селектори. Пописот на номинирани филмови се формира така што секој селектор од националната кинематографија може да одбере по два филма. Селектори на годинешната награда се: Ахмед Буриќ од Босна и Херцеговина, Ненад Полимац од Хрватска, Владан Петковиќ од Србија, Сунчица Уневска од Македонија, Агим Сопи од Косово, Симон Попек од Словенија и Андреј Николаидис од Црна Гора. Според пропозициите, дирекцијата на фестивалот го задржува правото на т.н. „wild card“ односно, на сугестија на селекторите да додаде уште два филма на списокот на номинираните.
Годинава, бидејќи освен во Македонија, немало премиера и во Црна Гора, на списокот беа одбрани десет филма, со тоа што босанскиот „На патот“ на Јасмила Жбаниќ, кој беше предложен, не е во конкуренција на барање на продуцентите. Така, селектирани се следниве филмови: „32 декември“ на Саша Хајдуковиќ (БиХ), „Црнци“ на Горан Девиќ и Звонимир Јуриќ и „Магаре“ на Антонио Нуиќ (Хрватска), „Чекај ме, јас сигурно нема да дојдам“ на Мирослав Момчиловиќ и „Едит и јас“ на Алекса Гаиќ (Србија), „Преку патот“ на Јил Цитаку и „Магариња на граница“ на Јетон Ахметај (Косово), „9:06“ на Игор Штерк и „Словенка“ на Дамјан Козоле.
И на крајот, да потсетиме, дека името на наградата е според еден од најважните југословенски режисери, Бранко Бауер, кој како што велат организаторите, е пријател и добар дух на фестивалот во Мотовун. Бауер беше и првиот добитник на овој фестивал на наградата за 50-годишно творештво, а и една киносала во Мотовун го носи неговото име. Наградата „Бауер“ за најдобар филм во регионот ќе биде врачена на 29 јули од страна на неговата сопруга, Снежана Бауер. |