Почина португалскиот нобеловец Жозе Сарамаго
Кога му била доделена Нобелова награда за литература, изјавил дека, сепак, не морал да се откаже од комунистичките убедувања
Познатиот португалски писател и добитник на Нобеловата награда за литература Жозе Сарамаго почина на 87-годишна возраст во Лансароте, еден од шпанските какарски острови. Според изјавата на неговиот издавач состојбата на Сарамаго се влошила по неодамнешната болест.
Сарамаго е роден на 16 ноември во 1922 година во Азиљага во сиромашно селско семејство. Не се стекнал со некое високо образование и животниот пат го водел од бравар, преку новинар, па се' до еден од најугледните светски писатели. Напиша повеќе од 40 романи, новели, поеми, хроники, драми, не престанувајќи да го истражува јазикот, бришејќи ги границите меѓу филозофијата и животот, преиспитувајќи ја сопствената и јавната совест и предизвикувајќи полемики и конфронтации. За него важело дека „Кога Сарамаго зборува, Португалија слуша“.
Објавувал новинарски хроники бидејќи отсекогаш бил исклучително општествено активен. Пишувал и песни, но вистинскиот творечки врв го достигнал со своите романи. Автор е на делата: „Учебник за сликарство и краснопис“, „Поткренат од земја“, „Година на смртта на Ричард рајс“, „Приказна за опсадата на Лисабон“, „Евангелие по Исус Христос“ и многу други.
Особено романот „Евангелие по Исус Христос“ предизвикал реакции од Католичката црква и тој потоа ја напушта Португалија и се преселува во Шпанија. „Тоа се типични реакции за црквата кога ќе ја допрете доктрината која тие ја сметаат за недопирлива“, изјавил Сарамаго. Кога во 1998 година му била доделена Нобеловата награда за литература, изјави дека не морал да се откаже од комунистичките убедувања за да ја добие и затоа ја поздравил Шведската академија. „Да беше Папата Јован Павле Втори во комисијата сигурно не би добил ништо“, се шегувал Сарамаго, додавајќи „Од денеска вредам повеќе и се разбира значително повеќе ќе се слуша моето мислење, па имам намера да ја искористам можноста и да кажам многу работи! Нобеловата награда не претставува причина да престанам да говорам!“
Сарамаго веруваше дека човекот е „осуден на слобода” и дека „слободата е негово неотуѓиво, гордо проклетство, таа е повеќе привилегија, а помалку одговорност“.
Последниот роман на Сарамаго, под наслов „Каин“ е објавен на португалски јазик кон крајот на 2009 година. (Н.П.) |