Брисел не' фали со половина уста
Во извештајот за Македонија што ќе се обелодени идната недела стои дека земјата исполнила „некои“ од политичките критериуми
Европската унија и' даде едвај преодна оцена на Македонија за политичкиот дијалог во земјата, во извештајот што ќе биде пре��ентиран идната недела од Европската комисија. Според она што се дознава, во документот стои дека земјата „продолжува да исполнува некои политички критериуми, но треба да постигне поголем прогрес во политичкиот дијалог меѓу политичките актери, во судството и околу реформата на јавната администрација. Според генералната оцена, земјата, исто така, треба да ја засили борбата против корупцијата, да ја засили слободата на изразување и да ја подобри бизнис-климата, со што практично годинава листата на критични области место да се намалува, се проширува за две нови.
Ваквата ценка сепак не ја фрла во сенка изјавата на претседателот на ЕК, Жозе Мануел Баросо дека Македонија идната недела ќе добие позитивна оценка, бидејќи во документот категорично стои дека Комисијата се држи и натаму до позицијата од октомври минатата година - да му препорача на Европскиот совет да донесе одлука за започнување преговори за членство. Подобрувањето на односите со соседите и регионалната соработка се посочени како клучен услов, при што еден по еден се именуваат сите отворени прашања, од нашето со Грција, преку спорот на Белград со Приштина за статусот на Косово до управувањето со Босна.
„Отворените билатерални прашања треба да бидат решени од засегнатите страни во духот на добрососедството и земајќи ги предвид интересите на ЕУ. Тие прашања не треба да бидат ставани на масата на преговори за прием“, стои во извештајот на ЕК. Посебно внимание Брисел и' посветува на заканата врз слободата на изразување, за која оценува дека е присутна во Македонија и регионално. Притоа, ги осудува изрекувањата диспропорционално високи казни за новинарите, политичкото мешање во независноста на уредувачките политики, контролата на јавниот сервис и политичките и економски притисоци, барајќи на овој проблем да му се пријде како на ургентен.
Годинава ЕК ќе објави заеднички извештај за стратегијата на проширувањето и поединечни за сите земји, а очекувањата се дека Црна Гора ќе биде најголем добитник, бидејќи ќе добие препорака за кандидатски статус (иако не и преговори), Албанија повторно ќе остане со куси ракави и со најдолго разгледувана апликација, а Србија ќе добие најава за прогрес спакувана во одредени услови. Македонија ќе добие политичка и дипломатска реприза, освен ако до самитот во декември не успее да го реши спорот за името со Грција. (С.Ј.) |