Владата го чита грешно извештајот на ЕК
Тамара Грнчароска
Новиот извештајот на Европската комисија за Македонија нема да биде со позитивни или со помалку позитивни критики, како што вообичаено коментира Владата, туку ќе биде многу критички, особено во делот на економските критериуми, соопштија вчера Лидија Димова од Македонскиот центар за европско образование и Фани Каранфилова - Пановска од Фондацијата отворено општество. Според нив, дури 92 процента од реформите што се бараа годинава се делумно или целосно неостварени, или поинаку кажано, Владата до затворањето на извештајот на ЕК за годинава успеала да исполни само 7,6 од предвидените индикатори, 37 да исполни само делумно, а над 55 проценти воопшто не се исполнети.
Димова очекува коментарите во делот на економските критериуми да бидат многу ригорозни, најмногу поради државниот интервенционизам во стопанството, кој го спроведува Владата преку мерките и законите што ги носи. Како такви се набројуваат бришењето на каматите на долговите на јавните претпријатија, буџетирање на државни институции за дејности што не се примарни, како издаваштво на книги, одлуката за одложено плаќање на Владата за извршени услуги од приватни фирми, собирање јавна давачка од страна на УЈП, како и озаконување на лихварството. За Димова индикативно е и тоа што Владата во буџетот во 2011 година проектирала да инкасира три милиони евра повеќе од казни и други давачки од граѓаните во однос на оваа година.
Во делот на политичките критериуми тие изнесоа став дека препораката за започнување преговори за земјава ќе остане, што според нив е причината зошто претседателот на ЕК, Жозе Мануел Баросо, неодамна изјави дека извештајот ќе биде позитивен. „Брисел користи умерен речник и за нив враќање еден степен наназад, т.е. одземање на препораката, е негативен извештај“, вели Каранфилова - Пановска, според која тоа што препораката ќе остане не значи дека Македонија напреднала во реформите. Во овој паралелен извештај на двете невладини организации се наведува, исто така, дека кулминирал притисокот врз Уставниот суд и врз граѓанскиот сектор, и дека е неиздржана стратегијата за реформа на јавната администрација. |