Промовирана „Јулија“ од Ен Фортие во „Матица“
„Јулија“ нуди нов живот на најпознатата драма на Шекспир и фрла ново светло на најголемата љубовна приказна на сите времиња
Невена Поповска
Во саботата напладне во Клубот „Матица“ беше промовиран романот „Јулија“ од Ен Фортие. Со овој роман, по 600 години светската книжевност добива продолжение од директен потомок на најпознатата љубовна двојка, Јулија Топомеи и Ромео Мараскоти, љубов што го инспирираше бардот на светската книжевност, Шекспир, да ја напише и создаде легендарната „Ромео и Јулија“.
Романот на Фортие претставува елегантна приказна напишана со извонредна, жива и напати духовна проза, која добро ги користи познатите цитати на Шекспир, ја проширува легендата и ја донесува во модерно време, па ни овозможува да ја доживееме познатата љубовна приказна на еден нов начин, со неочекуван заплет. Инаку, романот започнува со тестаментот оставен на Џули, со аманет да појде во Сиена и да го отвори сефот на љубовта. Таа таму го наоѓа првото издание на легендарната „Ромео и Јулија“, сребрен крст и куп писма. Кога започнува да ги чита писмата, Џули сфаќа дека е директен потомок на член на едно од семејствата од 14 век, Јулија Толомеи и Ромео Мараскоти. Ова е чудесна модернизација на класичната драма во која се употребени неверојатно ексклузивни историски податоци од средновековна Сиена.
Во предговорот на изданието авторката ја опишува својата потрага по историјата на својот предок, Јулија на Шекспир, чија легендарна љубов кон младиот Ромео ги тресела темелите на Сиена, за во современоста да се запрашува: Каде ли е Ромео, човекот кого отсекогаш сум го сакала, ама никогаш не сум го сретнала?
„Јулија“ нуди нов живот во најпознатата драма на Шекспир и е роман создаден од историја и од фантазија. Тоа е книга што фрла ново светло кон најголемата љубовна приказна на сите времиња, а „Матица“, како и секогаш, е тука да ни ги доближи најновите светски наслови. |