Обука за употреба на знаковниот јазик на сцена
Изминатата недела во Детскиот театарски центар во Старата скопска чаршија, во рамки на проектот „Знакот е гласен“, беше одржана обуката „Од нула до нешто фантастично“, под водство на познатата глува актерка, Јули аф Клинтберг од „Tust theathern/ Riksteater“ од Шведска. На обуката учествуваа учениците од Центарот за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“.
„Знакот е гласен“ е единствен проект во Македонија, чија главна цел е прифаќање, промоција и развивање на правото за култура и јазик за сите глуви и наглуви во регионот со посебен акцент на Македонија. Проектот се смета за важен политички и уметнички потфат за регионот и малцинските групи, чија долгорочна цел е поставување на основа за изградба на инфраструктура за поддржување на театарот за заедницата на глуви и наглуви и со заедницата на глуви и наглуви лица од земјава и регионот.
Претходно во мај, годинава, во Скопје беше одржан и регионалниот Театарски фестивал за глуви под наслов „Sing is open 2010“, а на реализираните тркалезни маси беше посочена потребата на актерите и нивните стремежи да ја подигнат на повисоко ниво сценската употреба на знаковниот јазик, како еднаков јазик со сите останати светски јазици. Одржаната обука со која актерите добија можност да се запознаат со разни техники на сценската уметност и со употребата на знаковниот јазик на сцена, произлезе и од недостатокот на специјализирано училиште за глуви и наглуви уметници во Македонија.
На „Sing is open 2010“ учествуваа најдобрите уметници и уметнички групи од регионот и тоа: од Македонија, Србија, Косово и од Бугарија, а Јули аф Клинтберг тогаш се запознаваше со уметничкото и техничкото ниво на театарските претстави. Во реализација на проектот „Знакот е гласен“ Детскиот театарски центар соработува со „Tust Tetatern“ од Стокхолм, кој се смета за експерт на ова поле, а како партнер организација се јавуваат Асоцијацијата на глуви и наглуви од Македонија и Центарот за образование и рехабилитација „Партеније Зографски“. (К.Б.) |