Фреквенција на звукот
Светскиот музички патник се врати дома
Тина Иванова
„Корени на покрив“ е најновиот албум на „македонскиот некрунисан крал на шишињата“, Зоран Маџиров. Уште со самата најава во медиумите, пред ова издание да го види светлото на денот, дека „Корени на покрив“ ќе ги обработува македонските народни песни, се роди дилемата дали ќе ја има неопходната инвентивност и софистицираност. Иако, сомнежите можеби и не беа потребни зашто станува збор, во случајов, за уметник со зад себе навистина успешни креации. Но, и таа мала доза на сомничавост доаѓа од фактот што вистинска реткост се добрите „пакувања“, или вкусните и современи погледи кон македонското културно наследство, односно кон македонските звучни корени, особено во последно време. Македонската музичка сцена е преплавена со секакви видувања на македонските народни песни. Се родија невкусни, искомерцијализирани проекти, кои само и наштетија на македонската музичка традиција, отколку што повторно ја заживеаја, ако тоа воопшто им била намерата.
Но, како што кажува и една поговорка, зборовите се ништо без дела, „Корени на покрив“, излегувајќи од фиоката на Маџиров и сместувајќи се во домовите на музичките сладокусци, ги негира сомнежите, сосема оправдувајќи го своето постоење.
Веднаш по објавувањето на албумот „Make Someone Happy“ на џез-триото на Марија Димитриевиќ, деновиве „Скопскиот џез-фестивал“ го издаде и „Корени на покрив“, што е второ издание на Зоран Маџиров за оваа издавачка куќа, по она од 2000 година, кое претставува жива снимка од заедничкиот концерт на македонскиот вибрафонист и гитаристот Тони Китановски, одржан токму на „Џез-фестивалот“.
„Корени на покрив“ не ги обработува македонските народни песни како што беше најавено, и како што тоа некои други го прават, „обезбедувајќи“ им само сосема обичен аранжман. Овде се присутни неколку ора и песни („Касапско“, „Потрчано“, „Комитско“, „Никнало цвеќе шарено“...), како идеја, како цитат, задржана е нивната основна мелодиска линија, но кои потоа со авторовата импровизација и креативност заминуваат во сосема друга насока. Албумот носи девет композиции кои претставуваат еден интимен поглед, едно сосема лично сфаќање на звучноста на македонскиот и на фузијата наречена балкански фолклор. Затоа и „Корени на покрив“ го носи поднасловот „balkano nuevo“, нешто слично како „nuevo tango“, израз кој значи инкорпорирање на новите елементи во традиционалното аргентинско танго, во случајов во балканскиот фолклор. Можеби и неговиот контекст е намерен, зашто во „Корени на покрив“ и тангото како форма провејува, особено во првата тема „The long longing“, како што всушност, шетаат или се присутни повеќе звучни изрази во текот на целиот албум.
Ова најново издание на Маџиров е со еклектична естетска форма. Мешавина на повеќе стилови, форми, бои... Навидум чуден колаж од џез, македонска фолклорна орнаментика, чочек, танго, па дури и францускиот шлагерски шмек од кој и македонската забавна сцена во 50-тите години од минатиот век влечеше влијанија, потоа музичките структури на класичната музика, референците од американскиот џез-пијанист и композитор Чик Кореја („Balkan Vulkan“), но и од другите американски легенди, трубачот и пејачот Луис Армстронг, саксофонистот Чарли Паркер... Сето ова вака напишано, наликува на рецептот за турли-тава, и наведува дека албумот го губи основниот фокус. Тоа често е ризичен и авантуристички потег. Но, тој е инвентивно поимање на македонските звучни корени. Маџиров, како светски музички патник, се враќа дома, им се навраќа на корените, а со себе ги носи светските современи искуства.
Зоран Маџиров е комплетен автор на „Корени на покрив“ и очекувано, во сите теми „лајт мотив“ се неговите виртуозни акробации, неговата интерпретација на вибрафон, тапан и секако, на стаклените шишиња по што тој е познат во светот. Во ова негово интересно патешествие, го придружуваат одличните музичари: Марина Чадо и Владимир Крстев, виолини, Зоран Крагуевски, саксофон и кларинет, Тони Пецанов, хармоника, Оливер Јосифовски, контрабас, Гоце Стефковски, тапани и перкусии, Здравко Ангелов, кларинет и Бојан Петков, гитара.
Материјалот �� снимен во студиото „Чикен меднес“, тон-мајстор е Ален Хаџи-Стефанов, а продуцент Валентино Скендеровски. |