Грешките на Владата ги задоцнија платите на клиниките
За да профункционираат, на клиниките ќе им треба најмалку две недели
Јасмина Јовановска
Вработените на клиниките се жалат дека поради експериментите на Владата со трансформацијата на Клинички центар, веќе една недела им доцни платата, а пациентите останале без лекови. Иако се поминати повеќе од три недели откако Уставниот суд ја поништи трансформацијата на Клинички центар, Владата место да ги извади клиниките од правниот лавиринт во кои се втурнати не по нивна вина, таа ги остави да работат незаконски, реагираат здравствените работници. Побрза да ја исправи грешката со неуставната поделба на најголемата здравствена установа во земјава, а во меѓувреме цехот од грешките го плаќаат вработените и пациентите.
Но, од една грешка Владата влезе во друга, уште поголема. И покрај тоа што стручњаците по уставно право сметаат дека законските измени со кои Владата доби право да го дели Клинички центар се неуставни, тие се објавени во „Службен весник“ и во саботата стапија во сила. „Платата ни доцни и велат дека нема да ја добиеме уште најмалку две недели, па и еден месец, додека не се средат сите правни формалности“, револтирано велат клиничарите. Освен што се нервозни за платите, лекарите од клиниките неофицијално велат дека се ставени во незавидна положба зашто за лековите и за потрошниот медицински материјал од директорите им е забрането да кажуваат дека нема. На некои клиники, според доброупатени извори, нема ни основни лекови, па ни антибиотици, па се снаоѓаат со зајмување, а оние похрабрите, сепак, на болниот му велат дека треба да го купи лекот.
Иако грешката теоретски е исправена, практично одлуката на Уставен суд не се почитува, објаснуваат стручњаците по уставно право. Клиниките повторно не се споија во Клинички центар, туку останаа да работат незаконски. За оваа незаконитост нема кој да ја гони актуелната Влада, која е техничка, велат правните експерти, па затоа тие брзаа да ја донесат новата одлука за поделба на Клинички центар и со тоа да не мора ништо да менуваат. Иако проблематично е и тоа дали оваа техничка Влада може да носи вакви крупни одлуки. Но, и да не мора повторно да се регистрира Клинички центар за потоа да се дели, укажуваат правниците, додека се завршат сите правни процедури околу новите субјекти, односно клиниките, ќе треба две, па и повеќе недели. Дотолку повеќе, објаснуваат правните стручњаци, што одлуката треба да се објави во „Службен весник“, па треба да се донесат решенија за нови управни одбори и за директори, кои треба да ги именува министерот за здравство. Дискутабилно е и тоа дали решенијата ќе може да ги донесе сегашниот министер за здравство или, пак, ќе се чека новата влада. Ако, пак, мора прво Клинички центар да се регистрира за потоа да се подели по новата одлука, тогаш не бега ни еден месец за целата процедура.
И покрај ваквото правно објаснување, министерот за здравство Имер Селмани тврди дека клиниките законски ќе профункционираат идната недела. „Министерството за здравство веќе ја достави до Владата новата предлог-одлука за трансформација на Клинички центар. Владата треба да ја разгледа на седницата во вторник, и потоа клиниките ќе може да поделат плати“, изјави за „Утрински весник“ министерот за здравство Имер Селмани. Тој не даде никакво објаснување околу правните процедури, туку само кратко рече дека откако Владата ќе донесе одлука за поделба на Клинички центар, веднаш потоа ќе може да поделат и плата. |