Kако Владата да натера 6.000 основци да се запишат во средно

Вкупно 12.000 места останаа празни по последните два рока од првиот уписен термин во средните училишта
Жаклина Хаџи-Зафирова
Околу 6.000 осмоодделенци воопшто не поднеле документи за упис во некое од средните училишта, судејќи според завршните анализи на бројките кои ги соопшти Министерството за образование и наука. Дури 12.000 места останаа празни по последните два рока од првиот уписен термин во средните училишта. Иако од Министерството за образование и наука се заканија дека парично ќе ги казнат родителите со 1.000 евра казна ако не ги пуштат децата на училиште, сепак, се исполнија прогнозите дека сите деца не се заинтересирани да бидат дел од образовниот систем. Барем така изгледа првичната слика по завршувањето на двата термина во првиот уписен рок во средните училишта. Една од главните причини, според директорите на училиштата, е што никој не им објаснил на родителите кој ќе ги плати трошоците на нивните деца ако тие немаат услови да ги запишат поради слабите примања. Од друга страна, од ресорното министерство најавуваат дека ќе ги покријат трошоците на учениците и се заканија дека ќе поднесат пријави ако некој не го почитува законот.
Според официјалните бројки, досега во средните училишта се пополниле 21. 496 места од вкупно 34.353, колку што пропишаа надлежните за годинава. По првиот термин за уписи останаа слободни 16.139 места, а откако во вториот рок се запишаа 4.302 ученици, сега остануваат празни уште 12.000 места кои ќе можат да ги бираат 6.000 завршени осмоодделенци кои се надвор од училиштата.
Прогнозите на упатените се дека сите деца нема да се запишат во средно. Во земјава има 62.000 социјални семејства, а веројатно сите деца на овие луѓе нема да пројават интерес за средно во услови кога се соочуваат со многу поголеми проблеми. Еден дел од овие случаи се и Ромите, бидејќи одреден процент мака мачат како да преживеат од денес за утре. А, најдобар пример за тоа е пазарот во Шуто Оризари каде што можат да се сретнат деца на кои продавањето им значи се' во животот. Од училиште се откажуваат и дел од ромските девојчиња кои по ромската традиција рано стапуваат во брак уште пред да станат полнолетни.
Во Основното училиште „Браќа Рамиз и Хамид“ во Шуто Оризари годинава завршиле 157 ученици, но велат дека сите нема да станат средношколци. „Учениците се свесни дека мора да се запишат, но барем 20-30 отсто нема да продолжат во средното образование, судејќи според искуството од минатите години“, објаснува Сејдо Јашаров, помошник-директор во „Браќа Рамиз и Хамид“. Според него, децата имаат финансиски проблеми и не веруваат дека учењето ќе им биде отскочна штица во животот.
Во Министерството за образование и наука се децидни дека од 1 септември ќе почнат да поднесуваат пријави ако некој родител не го пушти своето дете на училиште.
„Сите 27.200 деца мора да се запишат во средното образование. Ако некој не се запише, ќе сноси последици според законот“, ни изјави Љупчо Спасовски, раководителот за основно и средно образование. „Не очекувавме да се запишат сите во овој прв бран запишувања, бидејќи има уште еден рок, а тоа е августовскиот“, додава Спасовски.
Спасовски појаснува дека дел од оние 6.000 ученици кои не се запишале се на поправен испит во август, дел од децата се во странство, а некои имаат проблеми бидејќи нивните родители поради предрасуди не ги пуштаат на училиште. „Министерството ќе им помогне на сите да се вклучат во образованието. Ако некој од Берово, на пример, ќе сака да се запише во одредена струка која ја има во Струмица, тогаш ние ќе му платиме и превоз и сместување. Но, ако сака да се запише во Скопје, иако таквата струка ја има во неговиот град, тогаш сам ќе плати за школувањето“, додава Спасовски. Тој најави дека Владата подготвува проект за „условни парични трансфери“ со помош на кој ќе се издвојат пари за учебници за оние деца чии родители се социјални случаи, а предвидени се и награди за учениците. |