Скратен рокот за издавање одобрение за градба
Рокот за издавање одобрение за градба од седум дена ќе биде скратен на пет дена. Рокот за давање согласности и мислења од надлежни органи, пак, од 15 дена, се скратува на пет. Ова се новини од предложените измени на Законот за градење, кое Собранието ги усвои минатата недела. Во Законот е применето правото молчење на администрација, односно доколку во рок од пет дена не се издаде одобрение за градба, ќе се смета дека тоа е издадено. Притоа, во Законот е предвидена глоба од 500 до 1.000 евра за одговорното лице ако не издаде одобрение во определениот рок. Министерството за транспорт и врски информира и дека со овие измени се воведува и институцијата надзорен инженер, кој е овластен да врши проверка на изградбата во секоја фаза на градењето. Изведувачот и инвеститорот се должни да му овозможат на надзорниот инженер да изврши проверка, а во спротивно, тој состојбата ќе ја увиди заедно со градежен инспектор. Доколку градежниот инспектор утврди дека градбата се гради без одобрение, покрај определените мерки, изрекува и забрана за градење и користење на објектот, со затворање на градилиштето. Се пропишува и плаќање пенали до усогласувањето на градбата со урбанистичкиот план, а во спротивно се одзема и земјиштето и објектот, и тие преминуваат во сопственост на државата, односно општината. (Ек.Р.)
|