Сите чуваат девизи, НБМ смирува - нема девалвација
Покрај граѓаните, од неодамна и компаниите почнаа своите парични депозити да ги држат во странска валута
Нина Нинеска - Фиданоска
Високата инфлација и стравот од девалвација си го направија своето, па како последица на тоа сега сите штедат во девизи. Ако до неодамна овој тренд беше карактеристичен, главно, за граѓаните, сега и македонските компании почнаа се' повеќе да се определуваат за чување на своите заштеди во форма на цврста странска валута. Тоа го покажуваат и најновите истражувања на Народна банка на Македонија.
Експертите се децидни дека главна причина за овој феномен е стравот од девалвација. Граѓаните и фирмите се прашуваат дали и до кога ќе може да се одржува сегашниот курс на денарот во услови на двоцифрена инфлација, која се повторува неколку месеци едноподруго. Затоа, не сакајќи да ризикуваат, преферираат своите слободни средства да ги чуваат во девизи. Шпекулациите околу можна девалвација воопшто не се нови, но сега дополнително се подгреваат како последица на големиот пораст на цените, но и на други фактори, како што е високиот трговски дефицит, кој само за пет месеци надмина 1,1 милијарди долари.
Монетарната власт, пак, наспроти ваквите стравувања, останува на својот дециден став дека ќе ја одржи стабилноста на фиксниот курс на денарот и дека нема апсолутно никаква опасност од девалвација. Таа определба вчера за „Утрински“ повторно ја потврди гувернерот Петар Гошев.
Петар Гошев
Инаку, во најновата месечна информ��ција на НБМ, која се однесува на мај, се објаснува дека сите нови заштеди на населението се во странска валута, но и кај фирмите се забележува многу посилен тренд на штедење во девизи. „Во мај 2008 година, депозитите на населението остварија пораст од 0,5 отсто на месечна основа. Притоа, новото штедење на населението во целост беше деноминирано во странска валута, додека денарските депозити забележаа пад на месечна основа. Карактеристично за овој месец е тоа што, покрај населението, и кај корпоративниот сектор беа забележани изразени тенденции за штедење во странска валута, така што 59,9 проценти од порастот на вкупните депозити на претпријатијата, се должи на повисокото ниво на девизни депозити“, се вели во месечната информација на централната банка.
„Утрински“ веќе пишуваше дека од стартот на годинава, а особено во последните два-три месеци, граѓаните се' помалку штедат во денари, и покрај двојно повисоките каматни стапки што нашите банки ги нудат за денарските депозити. Некои банки плаќаат годишна камата и до 10 отсто за влогови во домашна валута, додека максималната камата за девизните заштеди е до 5,5 проценти. Банкарите коментираат дека главна причина е стравот од можна девалвација, а втор мотив е инфлацијата, која кај штедачите внесува чувство дека реално им ја „јаде“ денарската заштеда.
На прашањето како го коментира феноменот што граѓаните и компаниите се' повеќе се определуваат за девизи, гувернерот Гошев со одговор: „Се потсетуваат не некои минати времиња. Меморијата за тие случувања не згаснува толку лесно и покрај тоа што се поминати дваесетина години“, изјави вчера за „Утрински“ првиот човек на монетарната власт. Но, гувернерот повторно ја пренесува пораката до македонската јавност дека нема апсолутно никаква опасност од девалвација, бидејќи НБМ ќе го одржува фиксниот курс на денарот.
Гошев вели дека во поглед на инфлацијата, во земјава има смирувачки сигнали. Тоа е фактот што иако инфлацијата расте со високи стапки на годишно ниво, на месечно ниво во јуни во однос на мај има пораст од само 0,3 проценти. Инаку, стапката на инфлација во јуни годинава во однос на јуни претходната надмина двоцифрено ниво, достигнувајќи 10,1 отсто. |