Ништо од пониски камати, дури и уште ќе растат
Поскапеа кредитите и во Комерцијална од 0,5 до 2 отсто
Соња Маџовска
Засега ништо од пониски камати. Напротив, тие и натаму ќе се зголемуваат. Гувернерот Петар Гошев вчера изјави дека нема основа за намалување на референтната каматна стапка и порача дека, ако има потреба, дури ќе се оди и на ново затегнување на монетарната политика. Затегнувањето е во насока на одбрана на курсот на денарот. И гувернерот и првиот финансиер се категорични дека нема да има девалвација на денарот и дека девизниот курс ќе се брани по секоја цена, но затоа ќе растат каматите.
„Нема основа за намалување на основната каматна стапка. Во овој момент нема услови за релаксирање на монетарната политика, а во зависност од приликите, ќе видиме дали ќе треба и понатаму да ја затегнеме. Во секој случај, треба да ги видиме сите околности што ќе се случуваат понатаму“, изјави вчера гувернерот Гошев на одбележувањето на седумнаесетгодишниот јубилеј од монетарното осамостојување.
Според него, девизните резерви се стопени на 1,22 милијарди евра. Сепак, тој смета дека тие се' уште се на задоволително ниво за да се одбрани девизниот курс. Гувернерот не прецизира колкава сума е потребна за дополнување на девизните резерви, кои се стопени за 480 милиони евра. Но, тој очекува дека дел од странските задолжувања за кои преговара Владата ќе отидат и на сметка на НБМ.
Според Гошев, во последниов месец е забавено намалувањето на девизните резерви, а намалени се и интервенциите на девизниот пазар, кои во изминатиов период на дневна основа се движеле од 500 илјади, па до 2 милиона евра. „Имаме капацитет да интервенираме на девизниот пазар за да ја зачуваме стабилноста на девизниот курс. Очекуваме прилив во земјата по повеќе основи. Еве и Владата разговара за разни аранжмани. Преку нив ќе се обезбедат додатни приливи, освен оние што ги обезбедува економијата како девизни приливи. На крајот ќе ја видиме целата ситуација и што ќе треба дополнително да преземеме“, изјави Гошев.
Министерот за финансии, Трајко Славески, најави дека околу 50 милиони евра од странските задолжувања би отишле како депозит во девизните резерви. Тој смета дека стравот од девалвација, кој особено беше присутен во предизборниот период, кога граѓаните масовно ги претвараа денарите во евра, полека се надминува. „Приватните субјекти и фирми кои во очекување на девалвација, од какви било побуди - дали да се заштитат или пак да шпекулираат за евентуални добивки, купуваат и чуваат евра, брзо ќе разберат дека тоа не е в ред. Веќе се чувствуваат првите повратни знаци, па сега има претворање евра во денари. Сите оние кои од шпекулативни побуди се задолжиле и купиле евра за да ги чуваат, за да добијат повеќе на нив, направиле погрешна процена и, за жал, ќе изгубат. Сега очекуваме да ги вратат еврата и да си ги подигнат денарите за да можат да функционираат“, изјави вчера Славески.
На одбележувањето на 17-годишниот јубилеј од монетарното осамостојување, Гошев истакна дека приоритет за НБМ е одржување на макроекономската стабилност, девизниот курс и ниската инфлација. Но, порача и дека клучот за успехот за да го одржат тоа е заедничка соработка со Владата.
Поскапеа кредитите и во Комерцијална од 0,5 до 2 отсто
Комерцијална банка објави повисоки камати од 0,5 до 2 процентни поена. Новите камати зголемени за 0,5 отсто ќе важат за веќе одобрените кредити, додека повисоките камати до 2 процентни поена ќе се пресметуваат за новоодобрените кредити. Зголемување од 0,5 процентни поени ќе има кај постојните потрошувачки кредити, обезбедени со меница, 1,5 процентен поен ќе изнесува зголемувањето кај денарските станбени и хипотекарни кредити, а 1 процентен поен кај станбените и хипотекарните кредити со девизна клаузула. За негативните салда на тековните сметки зголемувањето ќе изнесува 0,8 процентни поени, а за негативните салда по кредитни картички од 0,5 до 2 процентни поена. Нема да има промена кај каматите за кредитите обезбедени со залог на депозит и хартии од вредност. „Со оглед на тоа дека трендот на зголемување на каматите беше инициран од континуираното зголемување на каматните стапки на државните и на благајничките записи, оценето е дека би било непожелно товарот на финансиското оптоварување да се префрла на веќе одобрените кредити“, се вели во соопштението од Комерцијална банка.
Банката ќе изврши зголемување и на пасивните каматни стапки на орочените денарски депозити и депозитите во евра. Зголемувањето кај орочените денарски депозити изнесува до 3,9 процентни поени, а кај орочените депозити во евра до 0,2 процентни поена. Новите каматни стапки ќе се применуваат од 1 мај, освен за дел од кредитите за физички лица кои ќе се применуваат од 16 мај и од 31 мај годинава. (С.М.)
|