„Хипо“ останува во Македонија
Групацијата „Хипо“, поради ударот од светската финансиска криза, ќе се преструктурира, но останува присутна во Македонија, како доминантен учесник во лизинг-пазарот. Ова вчера во Скопје го истакна менаџментот на „Хипо лизинг“ - Македонија на средба со новинарите.
Од „Хипо“ признаваат дека го почувствувале ударот на кризата, поради што извршиле промена во нивната политика - од експанзивна во стабилна, што ќе значи намалување на трошоците.
„Нормално, како и во секоја финансиска институција, и ’Хипо‘ планира кратење на одреден број работни места, но тоа се однесува на периодот 2009- 2013 и се предвидува најмногу да биде со природна флуктуација“, изјави менаџментот. Во тој период се планира намалување на 2.100 работни места. „Хипо лизинг“, преку која групацијата „Хипо“ е присутна во Македонија, во првиот квартал од годината остварила позитивен финансиски резултат, додека политиката на кредитирање е променета поради финансиската криза. Оваа компанија во Македонија најмногу е поврзана со пазарот на автомобили. „Доминантно сме поврзани со пазарот на автомобили каде што има пад од околу 40 проценти во првиот квартал споредено со лани“, изјавија менаџерите. Тие тврдат дека нема драстично раскинување на склучените договори во однос на лани. (Ек.Р.) |