Новите членки ќе го достигнат економското ниво на ЕУ подоцна
Виена - Новите земји-членки ќе го достигнат просечното економско ниво на ЕУ многу подоцна отколку што првично се претпоставувало, бидејќи процесот на усогласување е забавен поради кризата, поради која голем број држави загубиле неколку години.
Помошник-директорот на Виенскиот институт за меѓународно споредување на економиите, Петр Хавлик, изјави дека се предвидува до 2020 година ниту една од десетте нови средноевропски и источноевропски земји да не го достигнат просекот на бруто домашниот производ на 27-те членки на ЕУ.
Процесот на усогласување на економското ниво за време на кризата во некои земји е запрен, а во иднина ќе се забави. Хавлик истакна дека тоа важи за Чешка, Словачка и за Унгарија. Тој објасни дека влијанието на кризата во овие земји ќе биде посилно отколку, на пример, во Австрија и во Германија. Некои други земји кризата буквално ги врати неколку години назад. Според Хавлик, тоа е најизразено во прибалтичките земји. Виенскиот институт наведува дека за десет години до просечното економско ниво на ЕУ би можело да се приближи само Словенија. Чешка би можело да достигне 90 отсто од просекот, Словачка нешто помалку, Естонија би била околу 80 отсто, Унгарија и Романија - 70 проценти, а Романија и Бугарија би се движеле околу половина од просечниот БДП на Унијата по глава на жител. Како ќе изгледа ситуацијата зависи од политичките одлуки и преземените мерки во одделни држави. (МИА) |