Болниците ќе добиваат повеќе пари за сунет отколку за лекување висок притисок
За обрежување ќе се надоместува 7.440 денари, а за хипертензијата се предвидени 7.290 денари
Цените на здравствените услуги со новиот ДРГ- систем на плаќање по дијагноза се ниски и тие само може да го намалат квалитетот на лекувањето. Вака реагираат поголемиот дел од директорите на клиниките и болниците, кои деновиве од Фондот за здравствено осигурување го добиле ценовникот со референтни цени на здравствените услуги според дијагноза.
Најскапо ќе се плаќа лекување на новороденче во инкубатор со тежина помала од 750 грама, кое чини околу милион денари. За природно породување без компликации болниците ќе добиваат по околу 13.700 денари, додека со царски рез Фондот ќе и' плати на болницата околу 32.000 денари. Вградување колк ќе се плаќа околу 148.000 денари. Најевтина е цистоуретоскопијата за која ќе се плаќа околу 4.450 денари. Во ценовникот се наоѓа и цената за обрежување или сунетот за која на болниците ќе им се надоместува околу 7.440 денари. За хипертензијата без компликации, пак, се предвидени 7.290 денари. Со овие цени, укажуваат директорите, тешко дека ќе може да опстанат болниците, зашто во нив се вкалкулирани и цената на лековите и тековните и инвестиционите трошоци, како и трудот на персоналот.
„Ќе мора да се работи турбо и со зголемен обем на работа да се оправдува буџетот со што не се исклучува, за сметка на поголем број пациенти, да трпи квалитетот на услугата и болните порано да се испуштаат од болница“, укажуваат директори кои сакаа да останат анонимни.
Министерот за здравство, Бујар Османи, тврди дека доколку се покаже дека цените се нереални ќе се направи ревизија, но тоа ќе биде дури во април кога ќе се согледаат и првите ефекти од примената на ДРГ-системот кој веќе стартува.
„Нормално е да има несогласувања меѓу барањата на клиниките и тоа што Фондот може да го плати. Но, целта на ДРГ-системот е да се подобри квалитетот на услугата, а не да се намали и на болниците нема да им биде од интерес да ги враќаат пациентите зашто ќе им се скрати буџетот“, изјави министерот Османи, кој додаде дека во интерес на пациентите ќе биде и тоа што ќе има фиксна партиципација за секоја болест. Во првите три месеци клиниките ќе имаат буџети како и лани, а потоа ќе се согледа дали ќе се зголеми или не буџетот.
И во Фондот за здравствено осигурување се категорични дека ДРГ- системот нема да биде на штета ни на болниците ни на пациентите, дотолку повеќе што сите стартуваат без долгови. „Клиниките на почетокот на месецот ќе добијат буџет, а на крајот од месецот ќе им се врши пресметка по референтните цени од ДРГ- системот. Доколку со услугите го надминале буџетот, ќе им се даде 20 отсто поголем буџет од предвидениот, а доколку се под предвидениот буџет, за почеток нема да се казнуваат, само ќе се опоменуваат“, објаснуваат од Фондот од каде што признаваат дека цените на услугите по дијагноза се така направени да се усогласат со определените буџети. Од Фондот само стравуваат дека проблем со плаќањето на болниците може да има ако се појават последици врз здравствената каса со воведувањето на бруто-платата.
За почеток од ДРГ-системот ќе бидат изземени Хематологија и Онкологија, поради скапите цитостатици, а за скапите потрошни хируршки материјали можно е да се бараат дополнителни пари, велат во Фондот. |