ПАП-скрининг само во Гостивар и во Прилеп
Место организиран скрининг на жените за карцином на матката во целата држава, со организирана акција за ПАП-тестови во 2009 година ќе бидат опфатени само жените во Гостивар и во Прилеп. Тие ќе бидат повикувани од дома да дојдат во здравствена установа за да им се земе ПАП-тест.
„ПАП-скринингот за целата земја се одложува за в година, зашто за тоа засега нема услови“, кратко изјави министерот за здравство Бујар Османи на вчерашната конференција за репродуктивно здравје, која го означува почетокот на еден голем проект за промоција на репродуктивното здравје во осум земји во регионот, во организација на Фондацијата за економско и стратегиско истражување од Турција.
„За подобро репродуктивно здравје, се прават напори да се намали несаканата бременост, да се обезбедат услови за сигурен и безбеден абортус преку донесување и примена на националното законодавство, како и обезбедување адекватни услуги за планирање на семејството, превентивни мерки и мерки за гарантирање на достапноста на модерните контрацептивни средства“, истакна Османи. (Ј.Ј.) |