Малиот Бошко вратен во дом
И народниот правобранител се заинтересира за случајот со детето кое на 8 јануари наполни една година
БИТОЛА - „Среќен роденден Бошко, да си здрав и жив и да славиш до сто години“. Со ваков благослов, вработените и малите потстанари од Домот за доенчиња во Битола вчера претпладне го прославиле првиот роденден на малиот Бошко. Со еден ден задоцнување, роденденската торта прв ја вкусил Бошко, велат вработени од домот во Битола кои бараат да останат анонимни.
Иако официјално се чуваше во тајност каде се наоѓа детето, извори од домот потврдуваат дека тоа е вратено во оваа установа каде што беше претходно. Целата работа околу згрижувањето на Бошко во семејство се прекрши откако неговите нови старатели дозволија телевизиски камери и фоторепортери во нивниот дом. Ваквите сознанија биле пресудни Центарот за социјални работи од Битола, по речиси десетдневно згрижување, експресно и без образложение да го одземе детето на семејството од Прилеп и на 30 декември да го врати во Битола.
Животната приказна на малиот Бошко станува се' подраматична. Сега неговата судбина се крои на највисоко ниво, во Министерството за труд и социјала. За целиот случај се заинтересира и народниот правобранител кој ќе утврдува дали има прекршувања на правата на детето.
Вработени од Домот за доенчиња и мали деца во Битола, кои повторно се грижат за Бошко, велат дека биле крајно изненадени кога еден ден пред Нова година и тоа пред 20 часот, детето од Прилеп било вратено кај нив. Тие велат дека лично го донела директорката на Центарот за социјални работи, Виолета Гаџовска. Според нивното искуство, целата оваа постапка за нив е крајно екстремна. Причина за тоа, објаснуваат тие е дека кога штитеник се дава во згрижувачко семејство, тоа не подразбира тајност, за разлика од посвојувањето, кога семејството зема дете во строга дискреција. Вработени во домот велат дека се премногу ретки и исклучителни случаите кога штитеникот од згрижувачко семејство се враќа во домот.
Директорката на Центарот за социјални работи во Битола, Виолета Гаџовска, ваквата своја постапка ја оправдува, како што вели, со специфичниот карактер на случајот. Минатата година и таа пред медиумите се сликаше со две деца без родители кои Центарот ги даде на згрижување во демирхисарско семејство. Гаџовска тврди дека прилепското семејство Лоџеви било предупредено од згрижувањето на Бошко да не се прави сензација. Гаџовска најавува за Лоџеви посебна постапка.
„Центарот за социјални работи е старател на Бошко, а тоа е исто како да му е родител. Ние знаеме што е најдобро за него и ние одредуваме кои деца дадени на згрижување треба да се сликаат, а кои не. Бошко е посебен случај поради голем број фактори и на семејството од Прилеп тоа му беше дадено до знаење“, додава Гаџовска.
Таа тврди дека начинот на кој постапила е сосема исправен и дека целата документација за Бошко веќе е предадена во Министерството за социјални работи.
Приказната за Бошко, кој веднаш по раѓањето беше напуштен од родителите поради вродените аномалии, поради медиумскиот третман добива друга димензија. Народниот правобранител отвора постапка по сопствена иницијатива за утврдување на фактичката состојба за целиот случај. Ќе се утврдува дали има повреда на правата на детето. Доколку се утврди каква било одговорност, тогаш на тапет ќе се најдат сите инволвирани страни во случајот, почнувајќи од Центарот за социјални работи во Битола како старател на детето.
„Засега немаме став за случајот со детето Бошко. Но, затоа формиравме предмет. Бараме информации од Центарот за социјални работи во Битола и од Министерството за труд и социјала“, потврди Невенка Крушаровска, заменик -народен правобранител.
Толкувајќи го законот, таа вели дека никаде не стои оти сместувањето на детето во згрижувачко семејство треба да е тајна. За тоа нема официјална законска забрана. Крушаровска нагласува дека постои можност тоа да било регулирано со договорот што старателот го склучил со семејството од Прилеп. (А.Б.) |